Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Успехот на кошаркарите, изградбата на aтлетскиот полигон, отпочнувањето на затворениот базен и пресудата во Хаг, се најзначајните настани на годината, по кои ќе ја паметат повеќето кумановските политичари, директори и новинари што ги анкетираше Кumanovonews.
Нашето прашање беше, по што ќе ја паметите 2011 година на национално и локално ниво, како и на личен план.
Зоран Дамјановски, градоначалник
Оваа година на политички план Македонија доживеа голем неуспех и враќање назад во интегративните процеси во ЕУ и НАТО. На економски план ни се случи беда и висок процент на социјално загрозени семејства.
На локално ниво за мене најголем успех е изградба на Атлетскиот полигон и отпочнувањето на затворениот базен.
Приватно за успех ги сметам достигнувањата на моите деца. Имено, поголемата ќерка започна специјализација во Клиничкиот центар во Љубљана, додека помалата исто така почна специјализација за ортодонција во Скопје, додека синот се запиша на Градежен факултет во Скопје.
Во 2012 година најголема желба ми е да ги исполнам ветувањата на социјален план за што се заложив оваа година. На спортски план да имаме добри резултати и високи позиции во македонските лиги и да се реализираат сите проекти кои се ставени во развојната програма на Општината.
Оливер Спасовски, пратеник
Изминатата 2011 година за Република Македонија е година на порази, поради најголемата стапка на сиромаштија и невработеноста, како и поради амнестијата на т.н.„Хашки случаи„.Единствена светла точка беа успесите на македонската кошаркарска репрезентација.
Во годината које е веќе зад нас ќе ја паметам и по изградба на првиот атлетски полигон кај „Соколана„ и по започнувањето на двата капитални проекти за изградба на спортска сала во ОУ Х.Т. „Карпош„ и затворениот олимписки базен што претставува гордост за секој кумановец.
Мој личен успех оваа година е повторниот избор за пратеник во Собранието на Република Македонија, каде ќе ги застапувам и ќе се борам за интересите на моите сограѓани. Секако дека тука неизоставни се и здравјето и среќата на моите деца, семејството и моите пријатели.
Виктор Цветковски, претседател на Совет
Настапот на нашите кошаркари дефинитивно е најдобриот пример како треба да се промовира Македонија и како да се бранат боите на една држава. Нивниот успех е најубавото нешто што и се случи на Македонија во 2011 година.Покрај големиот број на негативните и лоши чекори на оваа Влада, сепак најцрна дамка е неизгласувањето на Законот за стечајците и технолошкиот вишок.
На локално ниво отсуството на капитални инвестиции од страна на Владата во Куманово, иако како најголема Општина во државата имаме огромен придонес во полнењето на државниот буџет.
Позитивен пример е градењето на базенот, инвестиција исклучиво од средства на Општината. Тоа е доказ дека економската криза не треба да биде изговор за отсуство на инвестиции.
На личен план оваа година ќе ја паметам по раѓањето на мојата ќерка Теодора, која донесе огромна радост и среќа во моето семејството. Ми недостсуваше брат ми, кој е на привремена работа во странство, впрочем како и голем дел од граѓаните на Куманово.
Игор Божиновски, директор на Централен регистар
Сумирајќи ги впечатоците од годината што изминува, сметам дека на сите нас врежани во сеќавањe е ни останат два настани кои ја одбележаа 2011-тата година на државно ниво. Првиот настан е успехот на македонската кошаркашка репрезентација, кој го означи конечното воскреснување на македонското единство и сплотеност. Вториот настан е позитивната пресуда на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во спорот со Грција. Република Македонија оствари важна правна победа која ќе биде од огромно значење за понатамошната наша меѓународна позиција.
Што се однесува до локално ниво, колку и да се трудам, никако да се присетам на некој настан кој ја одбележа 2011-тата година, а од кој бенефит имаат моите сограѓани. Кумановчани предвреме ги добија своите “честитки” во форма на поскапи сметки за вода и наплата на паркинг-место во центарот на градот, а тоа сигурно најмногу ќе го паметат и нема да го заборават, ниту со помош на турбо-фолк ѕвездите на кои беспотребно се потрошија нашите пари.
Гледајќи од личен аспект, 2011-тата година ми донесе мноштво убави моменти и задоволства, кои беа одбележани во кругот на семејството и пријателите.
На сите читатели на Kumanovonews им посакувам среќни новогодишни и весели божиќни празници, со искрена желба за благодет во кругот на нивните семејства, многу здравје, успех и бериќет во претстојното 2012-то лето Господово!
Виктор Божиновски, директор на ЈП „Водовод„
2011 година ќе ја паметам по успехот на најголемите македонски амбасадори во светот - кошаркарската репрезентација на Македонија, која ни ја врати самодовербата дека можеме да бидеме во Европскиот врв.
На локално ниво ставањето на камен-темелник на најубавиот објект што ќе биде изграден во Куманово - затворениот пливачки базен и по преполните трибини во Спортската сала во Куманово на секој натпревар на КК Куманово !
Александра Максимовска, новинар
Пресудата во Хаг е најзначајниот настан што ја одбележа оваа година. Тоа претставува потик на македонскиот тим во понатамошните преговори за решавање на спорот за името и зачленувањето на државата во ЕУ и НАТО.
Оваа година со задоволство го работев прилогот на пуштање во употреба на Атлетскиот полигон во техничкото училиште, бидејќи се работи за уште еден прекрасен спортски објект за младите, кој му недостасуваше на градот.
На личен план најважни ми се моите две керќички Ива и Мила, со кои го поминувам секој слободен момент и уживам во нивното растење.
Во 2012 година посакувам подобри денови за нашата професија, да се надминат поделбите и да ни се подобри социјалниот статус. Истовремено да снимаме повеќе афирмативни прилози, наместо црна хроника и семејни трагедии.
Горан Стојковиќ, директор на „ГАМА„
Според мене, настан кој ја обележаа 2011 година е освоеното 4 место на Европското првенство во кошарка на репрезентацијата на Македонија.
На локално ниво, тоа е посетата на претседателот на Србија Борис Тадиќ на спомен костурницата на Зебрњак, што е прва посета на еден српски претседател на овој споменик, како паметник за кумановската битка која има огромна историска важност за Србите.
Оваа година од личен аспект ќе ја паметам по одличниот резултат на мојата партија на парламентарните избори со што ДПСМ ја зацврсти својата позиција во политичкиот живот во Македонија, и моето доаѓање за прв човек во едно исклучително големо претријатие како што е ГАМА.
Во новата 2012 година очекувам Македонија да продолжи со имплементирање на реформите кои ќе резултираат со подигање на квалитетот на животот на нејзините граѓани, а на личен план успех во работата, среќа, љубов и спокојство во семејствата на сите граѓани на Куманово.
Ариф Љатифи, директор на Општата болница
2011 година беше многу плодна за Кумановската болница. Првпат по десетина години, добивме современа апаратура, меѓу кои најзначајна е компјутерска томографија. Се изврши и реконструкција на повеќе одделенија и ние можеме да бидеме задоволни од постигнатите резултати. Сепак имавме и одредени проблеми, а тоа е пред се во недостатокот на лекари-специјалисти, кои во изминатите години си заминаа.
Во новата година очекувам да добиеме, најмалку 20 лекари, да завршат започнатите проекти и да се доопремиме со потребните апарати, за да одговориме на современите трендови во лекувањето на пациентите.
Виолета Богдановска, началничка на сектор за превенција
2011 година ќе се памети по изборите и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг во корист на Република Македонија, и секако по најголемиот спортски успех на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство.
За мене е многу значаен проектот „Безбедни училишта„, бидејќи за првпат воспоставивме посериозна соработка со локалната самоуправа и со сите институции кои се грижат за безбедноста на децата. За мене тоа е значајно и службено и приватно, бидејќи проектот е оценет како многу добар и од меѓународните мисии и невладините организации, кои изразија да го финасираат и во други подрачја каде што има мултиетнички конфликти во училиштата.
Приватно, ми помина уште една вообичаена година, успехот на мојата ќерка ми е најважен, и се надевам дека наредната година ќе се запише на медицинскиот факултет, бидејќи тоа е нејзина желба.
Бобан Николовски, советник на ВМРО-ДПМНЕ
На централно ниво, годинава што изминува ќе ја паметам по успешните избори што ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски повторно ги доби, со што докажа дека сме партија со лидер во кој Македонија го гледа својот напредок и развој на долг план. Но ќе ја паметам и по единството на македонскиот народ во однос на успехот на македонската репрезентација на Европското првенство во Литванија.
Во локални рамки, ќе ми остане во паметење како година на стагнација и сивило и нетранспарентно работење по кое станавме препознатливи, како резултат на работењето на оваа политичка гарнитура, од која граѓаните на Куманово чувствуваат само полош стандард на живеење и дефинитивно како најголема Општина во Македонија заслужуваме коренити промени.
Приватно ќе ја паметам по многу работа, вложен труд и позитивна енергија.
Марина Манојловска, советничка на СДСМ
Она по што ќе ја паметам ова година се скандалите во судството, фингираната лустрација, убиството на плоштадот во Скопје, затворањето на А1, рушењето на „Космос„, недобивањето датум за преговори со ЕУ, неповолниот извештај на Европската комисија, неразумното трошење на народните пари за споменици и рекордна сиромаштија и невработеност.
Политиката од централно ниво му нанесе голема штета на Куманово. Бевме заобиколени од капиталните инвестиции и неправедно ни беа одземени средства за изградба на многу инфраструктурни објекти.И покрај тоа, Куманово продолжи да се гради, благодарејќи на сопствените граѓани и локалната власт која домаќински се однесуваше со буџетските средства.
Оваа година и за мене лично беше една од најтешките години на економски план, но задоволна сум што учествувам во градењето на мојот град, горда сум што живеам тука.
Во 2012 година посакувам да имаме многу здравје и среќа. Благосостојбата не зависи од нашите желби туку од нашата борба да дојдеме до неа, посакувам да станеме посовесни за одговорноста што ја имаме кон сопствената држава и кон сопствените деца.
Миле Јакимовски, советник на ВМРО-НП
На меѓународен план ќе ја паметам како година на економски потреси, промени на влади на изборите во Европа и Балканот, падови и соборувања од власт на долгогодишни владетели во светот. Пировата победа на Македонија на Меѓународниот суд во Хаг во спорот со Грција, која докажа дека таму кај што има сила нема правда и белки од тоа ќе извлечеме некоја поука.
На национален план, по предвремените парламентарни избори, кои буквално ништо не сменија, освен што големите партии и коалиции станаа уште поголеми, а малите уште помали. Незаборавен е и успехот на нашата кошаркарска репрезентација предводена од Борче Мекејлебовски.
На локално ниво, по долгите и јалови дискусии во Советот на поединци од редовите на позицијата и опозицијата.По прекрасната кумановска публика на сите спортски настани, а посебно на кошарката, која навиваше за нашиот тим без разлика дали губиме или добиваме. По неславниот рекорд дека Куманово е на прво место во Македонија по бројот на разводи.
На личен план, оваа година ќе ми остане во сеќавање по поминатите дваесетина иљади километри за време на кампањата, стотици одржани митинзи, средби со граѓани, интервјуа, дебатни емисии, и многу склопени пријателства и познанства,кои верувам дека и покрај релативно скромниот резултат на мојата партија претставуваат големо богатство.
Тони Трајковски, советник на ТМОРО-ВЕП
2011 година ќе ја паметам по полуфиналето на македонската кошаркашка репрезентација во Литванија.
На ниво на општината неможам да оделем ништо значајно.
Додека на личен план, ќе ја паметам годината како прекрасна на секое поле. Во Новата година посакувам, конечно, ако даде Господ, да се случи свадбата на Тони-Слонче.