Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од вчера Општина Куманово почна со реконструкција и пробивање на кракот од улица „11 Ноември“ кон улицата „11 Октомври“ во центарот на Куманово.
Поврзувањето на двете улица е со цел да се намали сообраќајниот метеж во овој дел на градот. Новата улицата е во должина од 310 метри, а нејзината реконструкција ќе чини 4.735.000 денари. Пред започнувањето на градежните работи беа отстранети времените објекти и се создадоа услови за реализација на проектот.
„Оваа улица ќе се пробие за да се поврзат улиците „11 Октомври„ и „11 Ноември“. Предвидено е во еден дел улицата да биде едноснасочна, а во другиот дел двонасочна. Паралелно ќе бидат изградени нови тротоари и дополнително ќе бидат обележани места за паркирање во втората зона. Целта ни е да ги дислоцираме времените паркинг места од улицата „11 Октомври“ и со тоа ќе се подобри комуникацијата од централното градско подрачје кон улицата „11 Ноември“, која е најфреквентна и најмногу ја користат граѓаните од соседната општина Липково. Истовремено ќе се намали метежот околку Градската болница која е тесно грло“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој додава дека ова е долгогодишен проблем со кој се соочува градот, но граѓаните имале разбирање за дислокација на времените објекти. Се надева дека реконструкцијата на улицата ќе придонесе за развој на овој дел на градот и заживување на деловните субјекти.
Реконструкцијата на улицата е предвидена во годишната програма, а планирано е да се заврши до крајот на април доколку не се појават проблеми во подземната инсталација. Предходно на улицата е поставена гасоводна мрежа за потребите на населбата и Кумановската болница.
(С.Н.)