Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Над 600 новинари и медиумски работници денеска од 8:20 до 10:30 часот ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски“. Тоа се новинари кои се пријавија на повикот и ги исполнија условите за да влезат во првата група на вакцинација. Во оваа група се лицата над 40 години или оние кои имаат хронична болест.
„Сите 631 новинари и медиумски работници имаат добиено информација за точниот термин за вакцинацијата на нивните електронски адреси (е-маил) кои беа доставени од редакциите до ЗНМ и ССНМ при пријавувањето“, велат од ЗНМ.
Лицата кои се пријавија на првиот повик, а кои не ги исполнија условите за оваа фаза од вакцинацијата, како и сите останати заинтересирани новинари и медиумски работници, ќе бидат земени предвид за следниот круг на вакцинација кој се очекува да биде наскоро.
Истото важи и за сите оние кои се пријавија после истекот на рокот за пријавување во оваа фаза од вакцинацијата.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) им препорачуваат на одговорните лица во медиумите на денот на вакцинацијата, како и наредниот ден да ги ослободат новинарите и медиумските работници од работните обврски.