Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Политичките партии својата иднина и просперитет ја гледаат во млад, квалификуван и перспективен кадар.
Поголемите партии се фалат дека во нивните редови имаат квалитетни луѓе, а помалите не сакаат да коментираат, бидејќи сметаат дека нивото членство е незначително и тоа се гледа од позицијата која ја имаат на политичката сцена.
Од општинскиот комитет на ВМРО - ДПМНЕ велат дека третина од нивото членство во градот отпаѓа на младата популација.
Имаме Унија на млади во која членуваат околу 1000 луѓе од кои 300 се активни. Повеќето се студенти, луѓе со завршено високо образование, а меѓу нив има и 30 магистри. Тие постојано организраат најразлични активности. Имаме и средношколска унија. Во подмладокот има луѓе на возраст во 16 до 28 години - вели Срѓан Ивановски, претседател на Унија на млади на ВМРО - ДПМНЕ.
Социјалдемократите имаат младина која во Куманово континуирано се зголемува во последниве две години. Тие објаснуваат дека многу матуранти пристапуваат кон нивната партија. Од 2009 година општинската организација на СДСМ запишала 2000 нови членови, од кои 600 се млади симпатизери.
Опфаќаме млади од 18 до 28 години. Имаме 850 члена, меѓу кои има магистри, високо образовани кадри, вработени во партиските органи. Редовно дебатираме на тема спорт, култура, политички структури, наука, образование, правиме хумани акции - изјави Младен Давидовиќ, претседател на СДММ.
Од општинската организација на ЛДП велат дека нивниот подмладок брои 70 активни членови, од кои повеќето се факултетски образовани. Филип Јаневиќ, портпаролот на општинската организација на ЛДП објаснува дека во нивната партија членуваат луѓе од различни националности, а просечната возраст е 24 години. Тој додава дека тие се вклучуваат во активности кои се поврзани со животот на младите и проблемите кои нив ги засегаат.