Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во дел од локалните продавници во Куманово утрово се вршеше редовна достава на леб, за разлика од големите маркети каде што немаше испорка, откако вчера Владата донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб до 450 грама на 33 денари.
Компанијата „Елида“ и денеска ги снабди своите продавници со леб, кој се произведува во нивната пекарница.
„Вообичаени дневни количини се дистрибуирани утринава, купувачите си купуваат по сопствени потреби и нема никаков проблем. Кај нас цената од 33 денари за бел и 30 денари за црн леб, загарантирана цена по налог на Владата е на сила подолго време – од донесување на одлуката“, изјавија од еден малопродажен објект.
И втората локална продавница која ја посетивме има своја пекара, но тие немаа леб од сопствено производство. Кај нив утринава стигнал леб од две други пекари, со кои имаат склучено договор за соработка, така што купувачите беа услужени. Во уште две помали и една поголема пекарница за леб ни потврдија дека денеска нормално работат.
Најголемата фабрика за производство на леб и бели печива „Златен клас“,пак, денеска произведуваа леб само за правните субјекти и институции со кои имаат склучено договор за соработка, но не и за маркетите. Нивниот дневен капацитет е околу 40.000 леба.
Тие, како и останатите големи производители во државата се приклучија на одлуката на Синдикатот да се запре со производство на леб, бидејќи загарантирана цена од 33 денари им е економски неисплатлива.
Наспроти ова, Владата ја замрзна цената на лебот, бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки. Исто така, им ја укина и субвенционираната цена на струјата.
„Дел од антикризните мерки насочени кон компаниите-производители на основните прехранбени производи беа со една единствена цел, субвенциите од државата да овозможат да се намалат цените на основните производи, за на тој начин да им се помогне на граѓаните. Значи крајната цел беше помош на граѓаните“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
Мерката за загарантирана цена на лебот ќе важи до 31 мај.