Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Техниката на изработување оригами ќе биде централната активност на втората, летна работилница за деца, која ќе се одржи утревечер, среда со почеток во 19.30 часот, на платото пред Центарот за култура во Куманово.
На настанот ќе бидат присутни и актерите Анастасија Величковиќ, Марко Трајковиќ и Никица Јанковски, кои ќе се дружат и ќе им помагаат на најмалите кумановци.
Првата ваква работилница се одржа пред десетина дена и предизвика внимание и голем одзив кај најмалите.
„На првата работилница беа присутни 50-тина деца, па решивме да го повториме настанот. Активноста е замислена како можност децата да покажат креативност, талент и умешност во цртање и боење, рецитирање, пеење или било која уметност каде се пронаоѓаат и занимаваат. Утревечер ќе правиме оригами, традиционална јапонска техника за изработување на декоративни облици и предмети од украсна хартија“, изјави директорот Сашо Тодоровски.
Украсна хартија, листови, боици и моливи и сите други материјали ги обезбедува центарот. Заинтересираните треба само да дојдат и да се вклучат во игрите и забават со другите деца.
„Ќе се намести и озвучувањето, па ќе можат и да настапат дечињата со некоја своја точка. Намерата е да се анимираат со нешто во долгите летни денови оние дечиња, кои не се на одмор на некоја летна дестинација. Се надевам дека ќе го повториме успехот од 17 јули. И ова не е последна ваква работилница, следната е планирана за првата половина на август“, дополнува Тодоровски.
„Покажи што знаеш“ е проект на Центарот за култура Куманово и е дел од нивната летна програма.
Во последните неколку години на платото пред Центарот често се одржуваат неформални средби, работилници, концерти, детски претстави, изложби кои го збогатуваат културниот и забавниот живот на градот.