Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По една година отстранет е дефектот на цевката од која течеше вода во шахта во селото Проевце. Екипи на ЈП „Водовод“ излегле на терен, и за кратко време го решиле проблемот.
Жителите се задоволни што надлежните експресно реагирале, откако проблемот се актуелизираше на Кумановоњуз.
„Откако во јавност излезе дека цела година тече цевката, направена и санирана е, сега брзо и ќе се исуши на овие температури. Се е како што треба, барем од таа гледна точа, конечно после толку време. И сношти бев да проверам, немаше протекување“, истакна нашиот соговорник.
Мештаните реагираа до редакцијата дека тече вода во шахта во близина на железничката пруга во Проевце. Проблемот повеќепати го пријавувале во ЈП „Водовод“ Куманово, но надлежните од претпријатието не реагирале на нивните поплаки.
Се работеше за пукната цевка пред шахтата, од каде течела голема количина на вода. На почетокот количините на вода биле помали и се полнела само шахтата, но со тек на времето пукнатината се проширила и започнала да истекува повеќе вода.
Работниците кои работат на изградба на железничката пруга го прочистиле каналот и ја насочиле водата да истекува кон куќите на влезот во населбата. На импровизираната мини- брана се собрала поголема количина вода која фатила жабокречина, се зголемил бројот на комарци, започнала и да се чувствува непријатна миризба.
Со санација на дефектот мештаните се надеваат дека ќе се исуши водата и ќе се намали бројот на комарци, а ќе исчезне и лошата миризба.