Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советот на Општина Куманово на последната седница не го изгласа финансискиот извештај на Сојузот на општински спортови за 2022 година, поради низа недоследности при трошење на јавните пари.
Општина Куманово минатата година на здружението му упатила 18 милиони денари или 300 илјади евра, кои требало да ги исплати на клубови за активности кои се влезени во годишната програмата изгласана од Советот, но во извештајот немало детално, реално и конкретно објаснување каде и како се потрошени парите.
„Финасискиот извештај за 2022 година на Сојузот на спортови три месеци по ред се поднесува, па се повлекува. Трет месец по ред предлогот го имаме пред нас, пред седница го разгледуваме на Комисијата за финансирање и буџет и укажувавме. Тој се повлекува, се доработува, корегира, но морам да констатирам на ниво на шминка. Затоа што суштината и забелешките остануваат, недоследности еден куп во она што е изгласано во форма на програма и она што го имаме како реализирано“, истакна Елена Доцевска Божиновска, координаторка на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додаде дека помалку од 15 проценти се совпаѓање она што стои во извештајот и она што е гласано на Советот, дека се поделени средства на клубови кои воопшто ги нема во програмата, додека за училишниот спорт нема бројки каде и за што се потрошени парите, а има отстапки и во исплатата на средства во младинските клубови.
Поради тоа Советот донесе заклучоци со кои му наложи на Општинскиот сојуз на спортови при работењето и исплатата на клубовите да се води исклучиво и согласно изгласаната годишна програма, а доколку има потреба од измени и дополнувања да се побара согласност од Советот и Управниот одбор на сојузот. Притоа беше побарана и измена на Статутот на спортското здружение со кои се одземаат ингеренциите на претседателот на Сојузот по свое видување и убедување да распределува финасиски средства.
Советниците од сите политички партии имаа забелешка зошто на седницата не присуствува актуелен претседател Филип Колевски, да го образложи извештајот, туку го пратил секретарот Срѓан Величковиќ.
Дел од нив се посомневаа дека има основ за кривично дело за кое очекуваат да реагира и обвинителството, но постои и судир на интереси затоа што Колевски е и претседател на Сојузот на спортови и има регистрирано негов атлетски клуб.
„Претседателот не најде за сходно да дојде и да го образложи извештајот. Три месеци си играме пинг - понг. Во сите извештаи бројките се различни, во третиот пеглано, лепено, сечено, монтирано, правено, апсолутно е неприфтливо и во целост го поддржувам она што го кажа колешката. Да не влегуваме во детали постои основано сомнение за сторен криминал и направени кривични дела од страна на Сојузот на спортови. Имаме еден куп аргументи за да не го гласаме. Овде има класичен криминал - одлука донесена од Совет тој ја злоупотребил“, истакна советникот Благојче Јаќимовиќ.
Во одбрана на Општинскиот сојуз застана секретарот Величковиќ, кој како една од причините за префрлањата на средствата ја истакна разликата меѓу календарската и фискална година и равенставата кои се одвиваат во есенски и пролетен дел, но во две различни години.
„Извештаите кои ги доставуваат спортските клубови можно е да внесуваат забуна, но тие префрлуваат нивни, веќе доделени и распределни пари и средства. Во извештаите стои дека парите се потрошени за котизација, стручни лица, судии, делегати, медицински лица, спортска опрема, реквизити, превоз, здравствени услуги за спортисти, лиценцирање на играчи, закупнини на спортски објекти, сместување на спортисти кога се натпреваруваат во странство, организирање на натпревари, сметководствени услуги, банкарски провизии итн. Притоа во извештајот стои дека клубовите префрлуваат средства за 2023 година од причина што ги добиваат на 30 декември, и физички не можеле да ги потрошат во истата година“, потенцира Величковиќ.
Од дискусијата произлегоа заклучоци дека таму каде што ќе се увиди потреба и каде има неискористени средства можат истите да се пренаменат за друг спорт или друг клуб, но за то мора да има образложете.
„Јас не верувам дека во Советот има еден човек кој е против еден клуб, против еден спорт. Сите деца и млади треба да ги поддржиме и да ги потикнуваме да се занимаваат со спорт, но на сметка на тоа мора да бидеме принципиелни-особено кога се работи за општински народни пари“, изјави Доцевска Божиновска.
Со 16 гласа против, 7 воздржани и само два гласа за, Извештајот за реализација на Програмата за развој на спортот и рекреативни активности на граѓаните во Општина Куманово за 2022 година со финансов извештај не се усвои.