Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регионалниот центар за лица со интелектуална попреченост “Порака наша“ денеска ја предаде во употреба новата летна училница, која ќе се користи за работно оспособување на корисниците на Центарот.
На свеченоста присуствуваше министерот за труд и социјална самоуправа Спиро Ристоски, градоначалникот Зоран Дамјановски, Стивен Катси од Мировниот корпус, пратеници, советници, локалната администрација.
Пред една година добивме волонтер од Мировен корпус и самиот волонтер имаше задача да помогне во проширување на дневниот центар. Се оствари оваа наша желба со градоначалникот, бизнис секторот и сите соработници кои ја поддржуваат нашата работа. Ќе има активности за здрав живот, градинарство, овоштарство, еко свест, сообраќај и сообраќајни значи, и работно оспособување на оваа категорија луѓе. Тие ќе бидат надвор во контакт со локалното население, случајните минувачи и да се разбие табу темата дека овие луѓе не можат ништо. Нив им треба нашата поддршка, а ние сме тука да се бориме за нашите права - вели Благица Димитровска, претседател на “Порака наша“.
Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристоски рече дека пред три години додека тој бил заменик министер, во неговиот кабинет дошле три жени со ентузијазам да работата на оваа проблематика. Ристоски вели дека ги поддржуваат ваквите проекти.
Најсвеж пример ни е успехот на Оливера Наковска Бикова. Никој не очекуваше некој посебен успех кога таа заминуваше на Пара Олимпијада, меѓутоа таа се врати со злато. Верувам дека секој може да биде Оливера на свој начин. Би апелирал до бизнис субјектите, Владата, општината да продолжат да работат на интегриран начин - изјави Ристовски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски нагласи дека на 700 лица со интелектуална попреченост во Куманово им треба интегрирање во општеството. Проблем е третманот на овие лица по навршување на 18 години. Тој ја искористи средбата да апелира до министерот Ристоски и пратениците да иницираат предлози и законски измени со кои ќе им се помогне на овие луѓе.
Пред три години овие госпоѓи биле во Министерството за труд и социјала, а кај мене дојдоа пред шест години. Општина Куманово и Советот на општината во програмата одвојуваат 900.000 денари или 15.000 евра. Секојдневно правиме максимални напори, организираме хуманитарни собири, концерти се со цел да прибереме повеќе средства и да помогнеме Центарот да не се затвори- рече Дамјановски.
Центарот „Порака наша„ постои од 2006 година и има 21 корисник.