×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Порано гробарина се плаќаше за парцела, а сега за гробно место, така налага законот, велат од „Чистота и Зеленило“

    10.02.2025 11:42 | Оливера Пешевска

    По забелешките на граѓаните дека за 100 отсто е зголемена цената на услугата за одржување на Градските гробишта во Куманово, од ЈП „Чистота и зеленило“ објаснуваат дека е сменет начинот на наплата, по укажување на Државниот ревизор.

    Порано гробарина се плаќаше за парцела, а сега за гробно место, така налага законот, велат од „Чистота и Зеленило“

    Порано секое семејство плаќало за услугата по парцела, која има по две гробни места, а сега се наплаќа посебно за секое гробно место.

    „Според законот надоместокот се тарифира по гробно место, а кај нас се испарцелизирани по две гробни места, затоа и се добива впечаток дека двојно е покачена гробарината“, објаснува директорот Ненад Стојановски. 

    Промена на начинот на наплата на тарифата е направен од мај, минатата година, по укажувањата на Државниот ревизор, дека според законот треба да го тарифираат местото, а не парцелите. 

    Насоките и укажувањата од ревизорскиот извештај мора да се применуваат и почитуваат, велат од претпријатието. 

    Граѓаните ги намируваат овие трошоци на почетокот на годината, па затоа и се стекнува впечаток дека покачувањето е од неодамна. За цената на ново гробно место и за годишна гробарина одлучува Советот на Општина Куманово, а таква одлука не е донесена во текот на 2024 година. 

    Граѓаните беа затечени со тарифите за гробарината кои се двојно поскапени. Наместо надоместок од 507 денари, колку што плаќале во изминатите години им било тарифирано по 1.014 денари, а револтот е уште поголем затоа што претходно не биле информирани за тоа.

    „Секоја година уште во јануари плаќам гробарина, за да сум мирна цела година. Останав затечена од сумата, дупло поскапо од лани. Имаме две гробни места, во стариот дел- споменикот на свекор ми и свекрвата беше турнат, никој не знае што се случило, немале доволно вработени“, реагира М.Д. (71). 

    Таа дополнува и дека редовно плаќа, но иако зимаат пари за одржување, сепак газат кал, зеленилото не се коси и поткаструва редовно, на лето нема вода на чешмите, контејнерите и бурињата за смет се речиси секогаш преполни. Речиси никогаш не може да сретне некој од вработените, па секогаш децата ја водат, затоа што и е страв сама да помине од кучињата одомаќени на гробиштата.

    Гробиштата во Куманово се протегаат на повеќе од 19 хектари, а во последните десетина години се проширени на две нови парцели, на потегот кон населбата „Јане Сандански“. И покрај проширувањата побарувачката за нови гробни места е поголема од понудата.