Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе обезбеди дополнителни 8,26 милиони денари или 134 илјади евра од развојната програма за 2024 година, кои ќе се искористат за целосно завршување на спортската сала во Куманово.
„Со средствата е планирано целосно завршување на внатрешноста и надворешноста на објектот, по што би требало да биде пуштена во употреба. Најголем дел се наменети за партерно уредување, поставување на бекатон на пристапните патеки и раззеленување. Просторот околу салата е оштетен и раскопан, се работеше на замена на цевки на водоводна- канализациска мрежа, па средствата се наменети за естетско и практично уредување на околниот простор“, објасни Лидија Ланг Спасовска, раководител на секторот за комунални работи.
Советниците од опозицијата се сомневаат дека има злоупотреба на потрошените средства, а прашаа и дали се отстранети сите грешки во изработката, особено на кровот, кој после реконструкцијата протекува.
„Досега се потрошени 1,2 милиони евра народни пари. Со две раце потпишувам дека има основано сомнение за направен сериозен криминал, граѓаните треба да знаат. Не знам дали на првите врнежи пак ќе протече спортската сала, бидејќи немаме потврда дали е се направено и изведено како што треба. За мултифункционалниот семафор тврдевте дека ќе чини 2 до 3 милиони денари, плативме 10,5 милиони денари. Електротехнички набавки 12,1 милиони денари, озвучување 5,8 милиони, со ДДВ близу 600 илјади евра за три ставки. За што се дообезбедуваат средства, кога според пресметките и не се извршени сите работи“, запраша советникот на НСДП Благојче Јаќимовиќ.
На ова се надоврза и советникот Миле Андоновски, кој предложи средствата да се пренаменат за кровната конструкција, па, според него, барем нешто да биде направено како што треба.
„Спортската сала ја викаме убавица, таа имаше бакарен покрив, сега имаме обичен лим, а и тој протекува. Можам да посведочам, дека никој од досега завршените проекти во последните 5 години од развојната програма нема финална употребна дозвола, а е ставен во функција. Ниеден проект кој до сега е направен, а ги имам лично посетено не е направен без фалинка“, констатираше Андоновски.
Реконструкцијата на спортската сала во Куманово започна пред три години со замена на кровот и трибините, и досега се потрошени повеќе од два милиони евра, што државни, што општински пари.
Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватен субјект.
Со поставување на паркет на теренот во спортската сала во Куманово спроведени се завршните активности на реконструкцијата. Поставена е конструкцијата и монтиран е големиот, четворостран семафор, обновена е водоводната и канализациска инсталација, електриката, позиционирани се рефлекторите, поставена е изолација на објектот, завршени се трибините. Поради долготрајниот сушен период не е проверено дали кровната конструкција протекува. Одговорните се надеваат дека нема да има непријатни изненадувања.
Надлежните не објавуваат конкретен датум кога ќе биде пуштена во употреба, но според динамиката се очекува тоа да биде за Денот на градот - 11 Ноември.