Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Семафорите на крстосницата на улиците Трета МУБ и Народна револуција не се во функција повеќе од 20 дена, поради што е загрозена безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Граѓаните се револтирани и бараат од локалните власти да го реши проблем додеке не се случила несреќа, бидејќи се работи за фреквентни улици во близина две училишта.
„Ништо ново, со години наназад е истиот проблем во градот, ќе ги пуштат, ќе ги исклучат и така во круг“, вели граѓанин.
Особено претставуваат проблем за оние кои поголем дел од денот се присутни во сообраќајот, за возачите на автобусите и таксистите.
„Сите некаде брзаат, па гледаат што побргу да поминат, иако непрописно. И мене ми се брза и јас сакам побрзо да ја завршам турата и да земам нов муштерија, ама сепак побитно ми е да ги почитувам правилата, бидејќи навистина може и живот да чинат“, посочува таксист.
Поради зголемените температури и топлото време возачите не сакаат долго да чекаат, па ги прекршуваат основните правила, а се поприсутно е брзото возење на мотори од младите возачи, кои си ги мерат „силите“, поради што се создава хаос во сообраќајот.
„Секако дека е голем проблем неработењето на семафорите, но проблем е и сообраќајната некултура на граѓаните. Во ред не работат, не се луѓето виновни за тоа, но треба и ние барем малку да се прилагодиме на ситуацијата и да се однесуваме по правилата за првенство кога не работат семафорите“, вели друг граѓанин.
Семафорите се исклучени пред 16 мај, поради сообраќајна несреќа, по што на сајтот на Општина Куманово беше најавено дека тие набрзо ќе бидат поправени.
„Семафорот помеѓу булевар Трета македонска ударна бригада и улица Народна револуција е привремено нефункционален, поради оштетување во сообраќајна незгода и се работи на негово побрзо враќање во функција. Останатите семафори во градот се во функционална сосотојба, а по потреба нивната работа се регулира и од страна на МВР во рамки на нивните надлежности“, објавија тогаш од Општината.
Граѓаните забележуваат дека и покрај настанатиот хаос на терен ја нема сообраќајната полиција, која во вакви ситуации треба да го регулира сообраќајот.
Пред неколку дена не работеше ни семафорот на раскрсницата на Октомвриска револуција и Доне Божинов.