×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Повеќе од 55 отсто од ангажираните работници во Куманово не се обучени за безбедно извршување на работата

    01.05.2023 09:12 | Оливера Пешевска

    Над 55 проценти од работниците во Куманово не се обучени за безбедност при работа, а дури 77 отсто од ангажираните не посетуваат таква обука, покажува истражувањето на невладината организација ЦРЦ ДРОМ од Куманово.

    Повеќе од 55 отсто од ангажираните работници во Куманово не се обучени за безбедно извршување на работата

    Податоците се добиени врз основа на спроведената анкета кај 99 правни субјекти од градот, вклучувајќи приватни фирми и институции од јавниот сектор.

    „Загрижуваат податоците кои покажуваат дека во Општина Куманово на 100 илјади вработени при работа се гине двојно повеќе од просекот на ЕУ. Поточно, процентот во Куманово изнесува 4,52% наспроти европскиот просек од 2.11% несреќи со фатални последици. Несреќите при работа не се анализираат и не се презимаат квалитативни мерки кај речиси 2/3 од работодавачите, а исто толку не планираат и не преземаат мерки за подобрување на безбедноста и здравјето на своите работници“, истакна Мирослав Ристовски, програмски менаџер и проектен координатор на ДРОМ.

    Истражувањето покажало и дека на дури 58 отсто од анкетираните не им е обезбедена лична заштитна опрема за извршување на работните задачи. Најголем број од работодавачите, пак, не понудиле концепт и идеи за долгорочно решение и зголемување на БЗР, со што покажува дека немаат проактивен пристап за подобрување на заштитата на работниците.

    Заклучоците беа презентирани на завршната сесија на проектот за истражување, подигање на свеста за безбедност и здравје при работа на ЦРЦ ДРОМ , кој опфаќа и креирање на два стратешки документи „Локална стратегија за БЗР 2022 – 2027“ и „Акционен план за БЗР 2022 – 2027 година“, кои ќе се достават до Советот на Општина Куманово.

    Главна цел на проектот е да се иницираат и поддржат граѓанските организации, локалните медиуми, локалните бизниси и јавните власти да имплементираат соодветни механизми и активности за промоција и подобрување на безбедноста при работа.

    „Корисник на овој проект е целокупната јавност во општината, преку подигнување на свеста на вработените во локалните бизниси за важноста на активностите за БЗР, законодавството, системите, мерките и стратешките документи кои се креираат со овој проект“, вели Ристовски.

    Безбедноста и здравјето при работа (БЗР) е интердисциплинарен концепт на обезбедување на добросостојбата на луѓето, вклучени во процесот на работа, но во исто време е и заштита на работодавачите од непредвидени и неконтролирани економски и материјални загуби што произлегуваат од штетите настанати од неприменување на мерките.