Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од една недела не работат семафорите на раскрсницата на булеварот „Октомвриска револуција“ и „Пионерска“.
Граѓаните од тој дел на градот реагираат дека раскрсницата е многу фреквентна, а не е безбедна за возачите и пешаците, особено откако почна школската година.
„Не работат семафорите, што за дел од кумановци е знак дека можат да возат со каква и да е брзина. Се тркаат тука, нема црвено светло или полиција да ги спречи. Не се размислува за пешаците, особено за учениците кои имаат потреба секојдневно да поминуваат. И за време на продолжениот викенд децата се играа надвор, ќерка ми има 9, син ми 6 години од кај да знаеме што ќе им истекне, па постојано ѕиркаме да не тргнат да се шетаат на другата страна. На штрек сме и кога се исправни, а вака мир немаме“, револтирано објаснува младата мајка С.М. која живее во зградите.
Услуги и резервни делови за одржување на семафоризирани раскрници е должност на „Електро софт инженеринг“ од Скопје, фирма која за услугата добива близу милион денари годишно од Општина Куманово.
Во последниве неколку години се почести се дефектите на семафорите, дали поради дотраеност или поради механички оштетувања од сообраќајни незгоди. Се погласни се поплаките затоа што и за самите поправки се чека поголем временски период, а и кога ќе се направат често се несинхронизирани, па или светат сите бои истовремено или зелено за повеќе правци.
„Вистинско чудо е што до сега се нема случено трагедија од поголеми размери“, коментира таксист кој постојано се движи низ различни делови од градот.
Дел од кумановци сметаат дека треба поголема присутност на полицијата, почитување на сообраќајните правила и прописи на нерегуларни раскрници, но и многу поголемо трпение од учесниците во сообраќајот.