Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ф.Д. (30) од Куманово, сопственик на станот во кој денеска експлодираше плинска боца пренесен е на лекување на скопските клиники.
„Повреденото лице е траснпортирано на Одделот за хирургија, свесен и контактибилен. Но, поради сериозноста на изгорениците е транспортиран во Клинички центар во Скопје. На неколку лица им е пружена помош поради задушување од чад“, велат од Брза Помош Куманово.
Пожарот беше предизвикан денеска околу 13.30 часот на приземје на зграда на ул.„Моша Пијаде“ во Куманово.
„Во 13.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека во стан на ул.„Моша Пијаде“ во Куманово, сопственост на Ф.Д. (30) настанал пожар од експлозија на плинска боца, при што станот целосно е опожарен. Од пожарот со тешки телесни се здобил сопственикот кој бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош. Екипа од Територијалната противпожарна единица Куманово го изгаснала пожар. Увидот е во тек“, соопштуваат од Кумановската полиција.
Брзата реакција на противпожарната единица спречи проширување на огнот. Пожерникарите ги искршија стаклата на прозорците затоа што имаше чад по ходниците на зградата.
„Причина за експлозијата е плинска боца, во пожарот има доста изгорен мебел во станот, но нема проширување на огнот надвор од него. Настанот е пријавен во 13.35 часот, интеревенирано е со едно возило и 6 пожарникари. Местото го напуштивме во 14.35 часот“, истакна Чедомир Кипријановиќ, командир на смена во ТППЕ Куманово.
Соседите кажуваат дека Ф.Д. бил сам во станот кога експлодирала боцата. Тие вознемирени не можеа да поверуваат што можело да се случи доколку дома биле и неговите дечиња.
„Повреден е наш сосед, изгорен е малку на главата и рацете, но самиот го скрши прозорецот и скокна од него, па целиот беше раскрвавен. Го однесоа со Брза помош и се надеваме дека нема посериозни повреди, барем така се чинеше на прв поглед“, истакнуваат дел од насобраните луѓе.
Додека екипа на Брза помош го транспортираше повредениот, втората екипа даваше помош на лице место на повозрасна жена, сосетка, која не е повредена, но беше видно вознемирена од настанот.
Силината на ударот била толку голема што ги откорнала влезните врати на зградата, но и ПВЦ конструкција на терасата на спротивниот крај на станот.
Од експлозивниот удар испукани се стаклата на едно возило кое било паркирано, како и излогот на цвеќарница.