Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започнаа подготовките за реконструкција на малиот плоштад пред Центарот за култура во Куманово, со поставување на заштитна ограда каде што ќе се изведуваат градежните работи.
На крајот на септември исто така беше ограден просторот и се донесе механизација со цел да се започне со работата, но само по три дена беше отстранета. Тогаш од Општината најавија дека работите ќе продолжат по завршување на манифестацијата Денови на комедија, која траеше до 15 октомври.
Од Секторот за комунални дејности потврдија дека од утре почнува реконструкцијата на плоштадот и ќе се релизира врз основа на договорто кој е потпишан од минатата година.
Реконструкцијата на Градски плоштад пред Центарот за култура ќе ја чини Општина Куманово 47.599.999 денари или 773 илјади евра. Тендерот го добила фирмата „Ленди Груп“ ДООЕЛ Скопје, која имала најниска понуда, а работата треба да ја заврши во рок од 6 месеци или 180 работни денови.
Според податоците од договорот кој е објавен, на плоштадот ќе се изгради детско игралиште, а ќе бидат поставени 32 шаховски фигури со висинина од 65 см. и шестоаголна клупа околу дрво која ќе има метална конструкција и дрвен седишен дел.
Ќе се обнови електричната инсталација и ќе се постават нови светилки на плоштадот. Пристапните патеки, тротоарот, улицата и пристапните рампи ќе се покријат со гранитни елементи со дебелина од 4 см, отпорни на сол, порозија, лизгање и мрзнење. Просторот ќе биде хориткултурно уреден со точно дефинирани видови и број на садници. Предвидено е поставување на систем за наводнување на зелените површини.
Реконструкцијата на малиот плоштад е дел од проектот за урбана мобилност, кој ќе се изведува во три фази. Првата фаза е токму спојувањето на двата плоштади во едно големо плато, втората фаза ќе се одвива во делот на т.н. Скопски дуќани и спојување со ул. Ленинова, и последната трета се однесува на ул. Илинденска.