×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Премиера на „Аудиенција “ во театар Куманово

    31.08.2015 13:56 | KumanovoNews

    Во Театар Куманово утревечер во 20 часот, премиерно ќе биде прикажана претставата “Аудиенција“ од Вацлав Хавел , а во режија на Мирослав Петковиќ.

    Премиера на „Аудиенција “ во театар Куманово

    „Аудиенција“ е драма на апсурд на чешкиот писател Вацлав Хавел, со строг и дрзок текст кој отворено го критикува општеството. Главните и единствени ликови се Сладек, шеф во пивара, кој е веќе на скалилото на хиерархијата и Вањек, талентиран писател прекинат во жарот на творењето.

    “Aудиенција“ е текст кој е напишан на крајот на 20-ти век и според мене е една голема и конкретна дефиниција за целиот 20-ти век. Тоа е текст во кој се зборува за двајца луѓе, професионалци во своите професии и тие треба да направат еден разговор во 4 очи. И тоа е проблемот во 20-от век што може да се направи разговор во 4 очи, но мора да има минимум 5 уши. Тој момент на Прашка пролет кога сите интелектуалци биле малтретирани на интелигентен начин, повторно и повторно се повторува и циркулира низ времето. Посебно ми е драго што новата сезона почнува баш со оваа претстава“ - рече режисерот Мирослав Петковиќ.

    Во претставата Горан Илиќ го толкува ликот на Вањек, а Чедомир Митевски го игра Сладек. Актерот Илиќ вели дека му причинува задоволство што имал можност да работи со млади луѓе од Куманово, кои се ентузијасти.

    Доаѓаш во контакт со млади луѓе кои имаат некои нови филозофии. Реков “Зошто да не, јас на нив ќе им дадам искуство, а тие ќе ми дадат енергија“. Така и се случи и мислам дека направивме еден добар продукт, Овој продукт го донесовме тука во театар, едноставно за да му помогнеме на театарот бидејќи претставата ја игравме по кафиќи во Куманово, Скопје и добра можност е да се игра на оваа сцена - кажа Илиќ.

    Горан Илиќ најави дека со млади актери наскоро ќе подготват нови претстави, кои ќе играат на малата сцена во театарот.

    За Чедомир Митевски кој сеуште е студент на Драмски факултет,  ова е прва претстава во која игра и големо искуство.

    Прв пат дојдов во допир со посериозен текст, што си бара свои анализи и работа едноставно. Мислам дека го сработивме како што замислувавме. Ќе видите во вторник што сме подготвиле - кажа Митевски.

    Хавел е чешки драматург, есеист, дисидент и политичар. Има напишано над дваесет претстави и бројни документарни дела, преведувани низ целиот свет. Има добиено бројни награди и признанија и е изгласан за еден од стоте врвни светски интелектуалци во 2005 година.