Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставата „Не можам да платам, не сакам да платам“ од Дарио Фо, во режија на Владимир Николовски, премиерно ќе биде изведена во петок, со почеток во 20 часот на сцената на Центарот за култура.
Станува збор за комедија, напишана во 70-тите години на 20 век, на актуелни теми.
„Претставата е актуелна и ден денес, бидејќи инфлацијата, кризата и се она што го снаоѓа народот сега се чуствуваат како и тогаш. Работите се скапи, платите се ниски, но ликовите наоѓаат начин како да се справат и како да се изборат со ова. Очекувам преставата да наиде на добар прием кај публиката“, истакна режисерот Николовски, на кој ова му е прва професионална претствава по дипломирањето.
Во претставата играат Марко Трајковиќ, Александра Михајловска - Величковски, Давид Илиќ, Владанка Крстевски и Жарко Јовановиќ.
„Преставата се занимава со навидум нормални луѓе во обични околности, и како ги претвораат во ненормални луѓе во необични околности. За жал, текстот е актуелен и по 50 години од неговото пишување, социјални проблеми имаме и ние. Не мислам дека кумановци ќе ја изгледаат претставата и веднаш ќе тргнат во грабеж на супермаркети, ама мислам дека убаво ќе се насмејат и се надевам ќе ги видиме во што поголем број на премиерата и на сите репризи“, изјави актерот Марко Трајковиќ.
Дејствието во се одвива во супермаркет, каде што група жени поради високите цени одлучува да не плаќа и создаваат хаос во градот.
Драматуршката обработка е на Сашо Костовски, сценографијата на младиот дипломиран ликовен уметник Марио Стошевски, со асистенција на веќе искусниот Крсто Богојевски.
Првата реприза е закажана веќе за сабота, 18 мај.
Преставата „Не можам да платам, не сакам да платам“ е дел од редовната програма, поддржана од Министерството за култура.