Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сообраќајната несреќа од минатиот месец, во која 19-годишно момче на мотор од населбата Бабин Дол беше тешко повредено и се` уште е на лекување на Скопските клиники, повторно ја актуелизираше потребата за поставување на препреки на главната улица во оваа населба.
Жителите сметаат дека само така ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и бараат од надлежните да им помогнат да се реши проблемот.
„Ова не е помодарство, туку реална потреба за нашата населба. Поради неодговорни возачи кои по улицата возат како на авионска писта, страдаат нашите деца. Бараме да се постават лежечки полицајци, за да се успори движењето на автомобилите. По улицата секојдневно се движат нашите деца, а ние како родители стрепиме за нивната безбедност“, вели Силвана Н., жителка на населбата.
Од месната заедница веќе доставиле барање до Секторот за урбанизам во Општина Куманово, од каде им било одговорено дека тоа не е согласно законот и нема услови за поставување на препреки затоа што во близина нема училиште или градинка. Жителите бараат да се изградат тротоари.
„Доколку не можат да постават препреки на патот, тогаш барем нека направат тротоарите, бидејќи се работи за населба од збиен тип и има многу автомобили паркирани на главната сообраќајница. Дополнителен проблем е што коловозот е покриен со песок, кој го носи водата од околните улички кои ги посипуваат. Нечистиот и стеснет коловоз е лизгав и прави проблеми на возачите. Апелираме до надлежните да преземат нешто за решавање на овие проблемите и да не дозволат да се случи уште некоја тешка сообраќајка“, велат нашите соговорници.
Жителите велат дека остануваме на барањето, бидејќи тој дел од населбата е црна точка, а и во други населби има лежечки полицајци, а нема училишта или градински поред нив.
(С.Н.)