Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новата претстава „Ковачи“ од Алек Попов, во режија на Деан Дамјановски, вечерва (вторник) во 20 часот ќе биде изведена во Центарот за култура „Трајко Прокопиев” во Куманово.
Актерската екипа ја сочинуваат: Антонио Димитриевски и Кети Дончевска – Илиќ кои ги имаат главните улоги во претставата, а играат и Горан Илиќ, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ, Давид Илиќ и Марко Трајковиќ.
Дејствието се случува во едно мало гратче – Оснабрик, кое е прогласено за најсреќен град во Германија. Две семејства живеат мирен и повлечен живот, додека во градот не се доселува кумановецот Ковачев и гостиварецот Фикрет, кои општината ги ангажира преку специјална програма да го подобрат сексуалниот живот на осамените средовечни госпоѓи во градот. Хајде и Инге се дел од тој експеримент, иако нивните сопрузи Долф и Карл, нерадо ја прифаќаат новонастаната ситуација. Тука започнува заплетот во претставата, која изобилува со експлицитни сцени и реквизити. Синот на Долф и Хајде, Бруно, пак, целата нова „нормалност“ во куќата ќе ја објави во книга, поради што семејствата ќе се најдат на потсмев и осуда во градот.
„Основната тема со која се занимава нашата претстава е среќата, што и да значи во денешнава медиумска и глобална цивилизација. Ние како да сме во постојана потрага по неа - во секојдневните задоволства, храната, спотрот, сексот, религијата, новите филозофии“, вели режисерот Деан Дамјановски.
Претставата се препорачува за публика постара од 18 години.
Билети можат да се купат на касата на Центарот за култура.