Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците на Демократската партија на Србите во Македонија го бојкотираат Советот на Општината Куманово затоа што нема преведувач на српски јазик.
Како што најавија советниците Горан Стојковиќ и Емилија Томиќ денеска ја напуштија седницата и нема да учествуваат во работата на Советот се додека не се обезбеди превод на српскиот јазик.
На првата наредна седница кога ќе бидат обезбедени технички услови за да можеме да говориме на нашиот мајчин јазик, јас и мојата колешка ќе се вратиме во Советот. Шест месеци чекавме да се спроведе одлуката, и да се имаше воља и слух досега требаше да се заврши таа работа. На предходната седница претседателот на Советот ни вети дека на оваа седница ќе бидат обезбедени услови, а сега секретарот на Општината истото го најавува за наредната седница. Се додека не се обезбеди преведувач ние ќе останеме доследни на нашата одлука - рече советникот Горан Стојковиќ.
Од Општината велат дека процедурата за поставување на опремата и обезбедување на лице за преведување на седниците на српски и ромски јазик е во завршна фаза.
-Работата со обезбедување на превод во Советот мора да се заврши законски и тука не може да се импровизира. Ние ги спроведовме сите постапки и тендерски набавки. Во тек е монтажата на опремата и се надевам дека на наредната седница се ќе отпочне со работа на начин на кој заслужуваат граѓаните на Општината - вели Оливер Спасовски, секретар на Општината.
Советникот од Српската напредна партија Ѓорѓе Полиќ смета дека постапката на неговите колеги е евтин политички маркетинг и начин да се сврти вниманието на јавноста.
Мислам дека немаат издржани аргументи за постапката со оглед на тоа што одлуката беше донесена пред 5 месеци, и мораше да се спроведат одредени процедури и да се создадат технички услови. Јас не сакам да ја амнестирам општинската администрација бидејќи можеби можеше порано да ја заврши работата, но тоа не заслужува да се бојкотира Советот, ако знаеме дека ние три години се залагавме за воведување на српскиот јазик. Од изгласување на одлуката во месец мај јас зборувам на српски јазик на седниците и тоа никој од колегите советници не ми го оспорил тоа, независно дали се позиција или опозиција, македонски или албански партии. Тоа јасно зборува дека таа можност ја имаа и колегите од ДПСМ - вели советникот Полиќ.
Одлуката за употреба на српскиот и ромски јазик во работата на Советот беше донесена во мај годинава. Со тоа Куманово стана единствен град во државата каде покрај македонскиот и албанскиот јазик, за официјални јазици се воведоа и јазиците на малцинствата кои немаат над 20 проценти од населението. Одлуката беше подржана од сите советници освен од претставникот на ДПА.