Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Штитениците на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ од Куманово пеколните летни горештини ги минуваат на пријатни температури, во разладени простории. Негувателите обрнуваат посебно внимание да конзумираат доволни количини на течности, а активностите се прилагодуваат на екстремните временски услови.
И самите корисници се засолнуваат онаму каде им е најпријатно, па деновите мнинуваат со вообичаената динамика.
„Се работи за постари луѓе кои рано стануваат и излегуваат во дворот од 6 часот наутро, ја фаќаат утринската свежина. Имаме стари дрвја со големи сенки па често се задржуваат и до 9 часот, за да подоцна си влезат внатре. По појадокот главно се организираат игри за когнитивни вежби, но секој е слободен по сопствена волја да си прилегне и одмори доколку така му е попријатно“, истакна директорот Дејан Стојановски.
Тој објаснува дека во последните неколку години имаат набавено повеќе клима уреди, кои ги поставуваат во ходниците и холовите, па температурата во целиот објект е пријатна. Имаат поставено ПВЦ столарија и изолација на самата зграда па топлотниот бран не се чувствува со полна сила.
„Климите не се во собите затоа што тие се со мала квадратура, а кај нашите корисници циркулацијата не е во најдобра состојба, па знае и да им застуди. Вака си ги оставаат вратите на собите отворени и така си контролираат колку сакаат да се разладат“, објаснува Стојановски.
И покрај големите жештини немаат пријавено зголемен број на заболувања, срцеви удари или невролошки заболувања кои се вообичаена последица на топлотните бранови. Постарите се под постајан медицински надзор, редовно ја зимаат пропишаната терапија и статистиката покажува вообичаен број на интервенирања.