Мени

Приведена сопственичката на напуштените крави во кривопаланечко

26.02.2026 20:05 | KumanovoNews

Полицијата ја привела 27-годишната сопственичка на напуштените крави во кривопаланечко, затоа што ја попречувала работата на инспектори од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), додека се обидувале да ги одземат животните.

Приведена сопственичката на напуштените крави во кривопаланечко

„Вчера во 09:35 часот, полициски службеници од ОВР Крива Паланка ја лишиле од слобода Ј.Ѓ. (27) од село Жидилово, кривопаланечко, затоа што спречила вработени од Агенцијата за храна и ветеринарство во извршување службени дејствија, кои постапувале по решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крави. Таа била приведена во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе следува соодветна пријава“, соопшти Министерство за внатрешни работи.

Граѓаните на Крива Паланка денеска одржаа протест и побараа од надлежните институции да го решат проблемот со напуштените животни, кој трае со децении. Тие истакнуваат дека нерешената состојба влијае врз безбедноста во сообраќајот поради неконтролираното движење на говедата низ населбите, а не можат ниту да ја обработуваат својата земја, да го заштитат сопствениот имот и достоинствено да живеат од својот труд, без страв од уште една уништена земјоделска сезона.

Вчера на магистралниот пат кај Крива Паланка било прегазено едно од животните.