Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пет лица се приведени и обезбедено е едно возилo во врска со исчезнувањето на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска пред шест дена во центарот на Скопје, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за време на работната посетата на СВР Куманово.
Спасовски истакна дека низа криминалистички истражни мерки се преземени во изминатиот период со цел да се утврдат сите факти.
„Синоќа до доцните часови се работеше интензивно. Морам да кажам дека имаме приведено пет лица и обезбедено едно возило, со што се продолжува понатаму со активностите. Тоа е нешто плус што го презедовме во однос на сето она како доказ, како трага што го обезбедуваме, со цел да дојдеме до расчистување на овој случај“, изјави министерот Спасовски.
Тој потенцираше дека сите податоци кои ги утврдуваат ќе ги соопштат во даден момент, бидејќи, како што кажа, за истрагата е многу релевантно и важно кога и како ќе се соопштат во јавноста. Предвременото соопштување, како што рече, може да направи проблеми.
Веќе шест дена се трага по Вања Ѓорчевска која исчезна во понеделникот во период по 7.20 часот, на пат кон училиштето Песталоци во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот„ Партизански одреди“ пред „Броз кафе“,каде ѝ се губи трагата.
На барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за ичезнатото девојче од страна на Интерпол.