Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сообраќајното решение со кое се предвидува изградба на нова улица помеѓу зградите К4 и К5 на „Октомвриска Револуција“ во Куманово, за потребите на новата зграда на таа локација, од СДСМ го сметаат за штетно за жителите на околните згради.
„Проблемот е во сообраќајното решение со кое се узурпира единственото детско игралиште што постои повеќе од 40 години и каде израснале генерации деца од околните 10 згради. Со пробивање на улици помеѓу зградите: се загрозува безбедниот пристап на децата до игралиштето, се оневозможува станарите да ги користат паркинг местата предвидени со купувањето на становите уште од 1988 година (и порано) и се уништува постоечкото зеленило во услови кога Куманово е еден од најзагадените градови во државата“, вели Драгана Коцевска, портпаролка на СДСМ Куманово.
Таа вели дека жителите со право реагираат, и јавниот интерес мора да биде пред сè, особено кога се во прашање најмалите, и дека не смее и не може да се измислуваат улици што се на директна штета на граѓаните.
“Владејачкото мнозинство на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ го стави на јавна расправа Деталниот урбанистички план (ДУП) за потегот на улицата „Октомвриска Револуција“, меѓу зградите К4 и К5, во близина на малото пазарче. СДСМ стои зад граѓаните и нивните права. Како партија, не сме против градење и правото на сопственост, но урбанизацијата мора да оди со правилни сообраќајни решенија што нема да ги загрозуваат оние што живеат таму повеќе од 40 години“, кажа Коцевска.
Таа побара надлежните во Општина Куманово итно да го разгледа и ревидира ова сообраќајно решение, да се одржи јавна расправа со жителите пред секоја ваква промена, да се зачува зеленилото и детските игралишта, затоа што здравата и безбедна средина нема цена.
„Во Куманово мора да престане праксата на носење ад хок одлуки и да се почне со системско решавање на сообракајниот хаос во градот. Градоначалникот во заминување мора да сфати дека јавниот интерес е пред личниот. Куманово, како најголема општина, заслужува да го врати урбаниот сјај, а не да се претвора во хаотична касаба“, заврши Коцевска.