Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Бројот на предвидени корисници за субвенционирање на трошоци за комунални услуги и за обезбедување помош за домување на материјално и станбено необезбедени лица – корисници на гарантирана минимална помош, што ги обезбедува Општина Куманово од Програмата за социјална заштита за 2023 година се уште не е целосно пополнет.
За таа цел, општината повторно објави јавни повици за искористување на овие средства, а сите граѓани кои ги исполнуваат условите можат да се пријават за субвенции до 20 јуни.
„Со оглед на тоа што бројот на предвидени корисници во Програмата за социјална заштита на Општина Куманово за 2023 година, за категориите субвенционирање на трошоци за комунални услуги и за материјално и станбено необезбедени лица- корисници на гарантирана минимална помош (ГМП) не е целосно исполнет, со ова соопштение ги повикуваме сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат критериумите да поднесат барање. Барањата ќе бидат земени предвид сѐ до исполнување на предвидениот број на корисници од оваа програма. Доколку таа бројка барања се надмине, приоритет ќе имаат подносителите кои први поднеле барање“, посочува Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита.
Досега за мерката покривање на трошоците за комунални услуги се пријавени 375 лица од предвидените 450.
Дополнително, голем дел од нив не ја искористуваат предвидената сума до крај, па намерата на службите е да се повторат повиците за целосно се искористат предвидените пари од програмата.
Право на субвенционирање на трошоци за комунални услуги имаат: самохрани родители,стечајни работници,згрижувачки семејства, деца без родители и родителска грижа, лица кои примаат надоместок заради попреченост,приматели на право на социјална сигурност за стари лица и приматели на право на посебен додаток. Надоместок за домување, пак, остваруваат лица кои се корисници на гарантирана минимална помош (ГМП), материјално и станбено необезбедени лица кои живеат под кирија.
Барањата можат да се подигнат на портирница во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти Градскиот стадион (Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита), а се доставуваат заедно со потребната документација до архивата на општината.
За сите подетални информации заинтересираните можат да се распрашаат на лице место или на официјалниот сајт на Општина Куманово.