Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Утре /29 октомври/ ќе започне изградбата на првите две делници од пругата на Коридорот 8 – од Куманово до Бељаковце и од Бељковце до Крива Паланка. Работите треба да се финализираат до крајот на 2025 година, за што се обезбедени сите потребни средства и е завршена експропријацијата на земјиштето.
Делницата од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар и ќе ја гради конзорциумот „Штрабак”, а треба да заврши за 24 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија „Ѓулермак”, а рокот за изведба во рок од 36 месеци.
Според проектната документација, на првата делница од пругата од источното крило на Коридорот 8 треба да бидат изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.
За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, во завршна фаза е подготовката на тендерската документација, која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година.
До крајот на 2027 година би била готова пруга кон Бугарија.
Во однос на културното наследство или археологијата, од релевантни државни институции е потврдено дека на самата траса на пругата нема големи археолошки наоѓалишта и некрополи кои би ја спречиле или би ја забавиле градбата на овој проект.
Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година, а работите првпат беа стопирани во 2004 година. Продолжија една деценија подоцна, во март 2014 година, но не беше испочитуван поставениот рок за завршување на работите до 2016 година, поради, според официјалните образложенија, проблемите од имотно-правен карактер. Активности на терен нема од јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе” еднострано го раскина Договорот.
Утре во селото Шупли Камен, на отпочнување на работите ќе присуствува премиерот Димитар Ковачевски и претставници на бугарската Влада.