Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Стручното жири на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово, ги објави добитниците на наградите во повеќе категории, кои се воведени од оваа година.
Жирито во состав претседател Магдалена Ризова - Черних (актерка), Драгана Таневска(режисерка), Илија Струмениковски (актер), Петар Андоновски (писател) и Крсто Богојевски (сценограф), одлучија наградите за најдобра актерка и актер да ги доделат на Горица Поповиќ за улогата на Флоренс Фостер Џенкис во претставата „Славната Флоренс“ во продукција на Атеље 212 од Белград и Димитар Ѓорѓиевски од Прилепскиот театар, кој го игра слугата Пеце во претставата „Да инспекторе, претстава со грешки“.
За најдобра претстава на годинешниов фестивал е прогласена „Секс и лаги“ на Кумановскиот театар.
Награди за сценографија доби Илина Ангеловска од Театар Прилеп, за костимографија Кирил Наумов од Театар Ловеч, Бугарија.
„Образложението за одлуките ќе биде објавено дополнително,при доделување на наградите на ансамблите и на добитниците на наградите.Честитки до поединците и успех во наредните предизвици“, објавија од Центраот за култура „Трајко Прокопиев“.
Инаку завчера заврши јубилејното издание на фестивалот Денови на комедија, беа прикажани 12 претстави од регионот. Како и секоја година интересот беше огромен, и за секоја претстава се бараше билет повеќе. Оваа година беа продавени над 6000 карти.
Публиката можеше да ги види претставите „Приватни животи“ на Градскиот Театар Винковци (Хрватска),„Власт“ на Народниот Театар од Штип, Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп со претставата „Да, инспекторе“, Атеље 212 Белград со „Славна Флоренс“, Народен театар Битола, со „Малиџано“, Театар Тетово „Малограѓанска свадба“, Театар „Импресарио“ од Белград, „Повикај го М поради уживање“, Струмичкиот театар со претставата „Паника во хотел Палас“, Драмски театар од Ловеч, Бугарија со „Службогонци“, Приштински народен театар со „Сомнително лице“, велешкиот театар со претставата „Слуга на двајца господари“. Фестивалот го затвори Кумановскиот театар со претставата „Секс и лаги“.