Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, во Занаетчискиот дом во Куманово, денеска беше промовиран Зборникот „Навраќање кон Конески“, кој го подготвија Свето Стаменов, новинар на Македонското радио и познат публицист и проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист.
Станува збор за зборник на 400 страници, кој содржи избрани веќе објавени трудови со антологиска вредност, на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески.
Промотор на зборникот беше, проф. д-р Људмил Спасов, кој истакна дека годишнината од раѓањето на Конески се одбележува и во УНЕСКО, со што неговото дело се вгради во темелите и си го зазема своето место во европската култура.
„Коневски претставува обединувачка личност и неговото дело е обединувачко не само за културата на Македонците, туку и за сите заедници и сите народи што живеат во нашата држава и пошироко. Поезијата и прозата на Конески и неговите научни дела од областа на лингвистиката, науката за литературата и неговите есеи посветени на различни теми, не ни кажуваат само за македонската култура, туку и за културата и за јазиците и за уметничките творби на многу народи во Југоисточна Европа. Конески звазема балканистички приод што значи дека развитокот на македонскиот јазик од најстари времиња до денес не го разбира изделен од историјата и развитокот на сите јазици на неговото опкружение, од албанскиот, грчкиот, рускиот, романскиот, ромскиот како и соседните јужнословенски јазици бугарскиот, српскиот, црногорскиот, туку напротив секогаш настојува врз фактот дека низ текот на нивната историјата се преплетувале соседните јазици. Во тоа време во 20 век ваквите научни пристапи не беа широко прифатени“, изјави Спасов.
Тој додаде дека Конески преведувал дела од другите јазици за да им ги приближи на македонскиот јавност и да ја збогати македонскта култура, истовремено е преведуван на сите јазици во земјата, а тоа сведочи дека тој со своето дело е светилник на современата уметност.
На промоцијата преку видео-конференциска врска на присутните им се обрати и проф. д-р Виктор Фридман, редовен професор на Универзитетот Чикаго, САД, и еден најпознатите американски и светски македонисти и лингвисти, а пригодна реч имаше и градоначалникот Максим Димитриевски.
„Огромна е честа на Општина Куманово да го одбележи овој дена на ваков начин. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на иницијаторите за издавање на овој зборник.Куманово денеска се чувствува гордо, не затоа што сака да пренагласува одредени достигнувања, бидејќи тие се познати во македонската и светска историографија и денеска се изучува на многу катедри насекаде во светот, туку е гордо затоа што може да се наврти на она што поминало и она што е творено. Се додека постои македонскиот јазик постои и македонскиот народ“, изјави Димитриевски и се заблагодари на сите автори што дадоа свој придонес во изработката на зборникот.
„Навраќање кон Конески“ содржи трудови, хронолошки претставени според времето на нивното објавување, на: проф. д-р Трајко Стаматоски, проф. д-р Виктор Фридман, Цане Андреевски, проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Маја Јакимовска - Тошиќ, проф. д-р Кристина Крамер, проф. д-р Марија Коробар - Белчева, академик проф. д-р Влада Урошевиќ, проф. д-р Васил Тоциновски, академик проф. д-р Луан Старова, академик проф. д-р Златко Крамариќ, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Георги Сталев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Лидија Тантуровска, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Свето Тоевски, проф. д-р Људмил Спасов, д-р Славчо Ковилоски, Атанас Конески, проф. д-р Веле Смилевски, проф. д-р Ранко Младеноски, проф. д-р Звонко Танески, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Далибор Јовановски, м-р Кица Колбе и проф. д-р Милан Јазбец, кои секој од свој аспект фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески.
Авторите Свето Стаменов и Вера Стојчевска - Антиќ, се заблагодарија на финасиската поддршката на Општина Куманово и разбирањето во ова тешко време да се помогне во развојот на културата и македонскиот јазик.
Промоцијата беше проследена со пригодна културно-уметничка програма.
(С.Н.)