Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура во Крива Паланка, синоќа се одржа промоција на книгата „Народни песни и обичаи од с. Градец, кривопаланечко и околните села“, авторско дело на новинарката, поетеса и публицистка Мира Ѓоргиевска.
Изданието е во продукција на НУЦК Крива Паланка, а рецензент и промотор е проф. д-р Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје.
Професорот Малинов на промоцијата истакна дека „флагрантното губење на обредниот фолклор ја поттикнало авторката да се зафати со обемен предизвик, да ги регистрира и публикува речиси сите народни песни и добар дел од обичаите што некогаш, до пред една деценија, масовно се практикувале во нејзниот роден крај“. Тој нагласи дека „запишаните традиција и фолклор остануваат трајно богатство за идентитетот и посебноста на народот од овој крај, за век и веков“.
Самиот настан беше збогатен со настапи на музичари на традиционални инструменти од кривопаланечкиот регион – гусла, кемане, гајда, тапан – како и со изложба на народни носии од Градец. Дополнително, водителката Емилија Колевска интерпретираше текстови од обредни песни, дополнувајќи ја атмосферата со автентичен дух.
Авторката Мира Ѓоргиевска посочи дека голема заслуга за сочувувањето на материјалите има нејзината мајка, Лозена Николовска, која претставува жив извор на традиција и фолклор.
– Мотивација ми беше да го зачувам споменот на првиот и, можеби, единствен град од прастаро време на овие простори, селото Градец, низ неговите народни песни и обичаи. Овие околу 160 народни песни кои се последните уметнички креации на народот од овој крај, на свој суптилен начин не водат во еден богат свет на суштествен начин на живот, кога се се одвивало поедноставно во духот на народната традиција и обичаи. Сакам оваа збирка да остане како траен документ за неисцрпна народна оставнина од нашите предци за сегашните и идни поколенија кои ќе покажат интерес кон оваа тематска област, истакна Ѓоргиевска.
Никола Митовски