Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на Тромеѓа вчера протестираа на влезот на селото против најавата на Агенцијата за храна и ветеринарство да се уништат свињите поради појавата на африканска чума. Селаните тврдат дека нема заразени свињи во атарот на нивното село, а доколку не добијат потврда од надлежните протестите ќе ги радикализираат со блокада на регионалниот пат Свети Николе - Крива Паланка.
„Тврдат дека е најдена едно животно, но мислиме дека нема такво нешто. Ова ќе биде голем економски удар за нас. Она што го отплаќа државата не е реална цена, тие ја зимаат просечната тежина. Досега се уште никој не е исплатен“, истакнува Владан Станојковки, заменик претседател на месната заедница Тромеѓа.
Тие немаат добиено официјално решение за спроведување на мерката, а информацијата дека се подготвува такво нешто ја добиле од ветеринарите.
Во Тромеѓа има над 360 куќи и над 40 одгледувалишта. Но, секоја куќа си има свои свињи кои се чуваат за сопствени потреби и за снабдување на поблиското семејство.
Вчера побаравме објаснување од Агенцијата за храна и ветеринарство за состојбата со африканстата чума во Тромеѓа, но не добивме одговор.