Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Педесетина пензиoнери поттикнати од собирот во Прилеп, денеска организираa протест во Куманово, со единствено барање линеарно наместо процентуално зголемување на пензиите.
„Се уште не се дефинирани барањата, ќе се обидеме да стапиме во контакт со пензионерите од другите градови, да составиме координативно тело на национално ниво во кое прецизно ќе ги дефинираме нашите заложби, кои би требало да бидат единствени на ниво на целата држава“, изјави Љубица Алексовска Костиќ од Куманово.
Пензионерите се собраа во просториите на Здружение на пензионери Куманово и формираа локално координативно тело, кое ќе настапува во името на сите револтирани пензионери. Во него членуваат: Љубица Алексовска Костиќ, Мирослав Цветковски, Драги Геровски, Љупчо Ангеловски, Сунчица Тредафиловска и Драган Пановски. Намерата е да се координираат, консолидираат и да се обидат да се изборат за своите права и повисоки пензии.
Најавеното покачување на пензиите за 6 насто, од септември го подгреа незадоволството, главно на оние со најниски примања.
„Како да преживеам со 12 илјади денари пензија и тие мали покачувања кога имаме двоцифрена инфлација. Само бараме достоинствен, мирен и спокоен живот во староста, а не повторно да се пребројуваме по паричниците“, истакнaа пензионерите.
Денешниот собир не помина без несогласувања во пензионерските редови. Насобраните тврдат дека прво не биле пуштени да влезат во просториите на Здружението, а подоцна претседателот побарал да ги достават нивните барања за да тој ги препрати до Министерството за труд и социјална политика, но неговиот предлог бил одбиен.
Пензионерите најавуваат дека протестите ќе продолжат и наредните денови, а јавноста ќе биде информирана кога барања ќе се достават до Владата и министерството.
Прилепските пензионери протестираат веќе неколку дена, а од денеска се приклучија и колегите од Куманово, Кичево, Кочани и Неготино.
Кумановоњуз се обиде да добие одговори и од претседателот на Здружението на пензионери Ристо Бошков, но не успеа да воспостави контакт.