Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во март 2014 година ќе почнат градежните работи за реконструкција на железничката делница Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар, прва од планираните три за железничко поврзување на Македонија со Бугарија на Коридорот 8.
Претставници на германската компанија „Вибе“ денеска го потпишаа договорот за изведување на пругата со раководството на ЈП „МЖ Инфраструктура“. Реконструкцијата на пругата ќе чини 39,7 милиони евра, а треба да заврши кон крајот на 2016 година- пренесува порталот МКД.
Со проектот се предвидува рехабилитација и доизградба на горниот и долниот строј на железничката пруга во должина од 31 километар. Предвидени се три станични згради, четири стојалишта, три моста, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, пет километри станични колосеци, пристапни патишта со новопроектираните подвозници и надвозници, сигнализација и телекомуникации, електрификација и сета неопходна инфраструктура.
Министерот за транспорт Миле Јанакиески изјави дека се преземаат активности за реализација и на останатите две делници за железничкото поврзување со Бугарија, Бељаковце – Крива Паланка (34 километри) и Крива – Паланка – Деве Баир (24 километри). Првата делница ќе чини 144 милиони евра, а втората околу 360 милиони евра.