Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателот, потпретседателот и секретарот на Здружението на пензионери Куманово (ЗПК) ја злоупотребиле функцијата и си исплаќале повисоки хонорари за нивниот ангажман, обвинија денеска на прес-конференција членови на Собранието на пензионери.
Тие тврдат дека одлуката да се зголеми месечниот износ на исплата на своја рака ја донел претседателот Благе Јакимовски, иако тоа било дефинирано дека може да го стори само Собранието.
„Зголемувањето на надоместокот било од 12.000 на 14.000 денари за претседателот, на потпретседателот од 11.000 на 12.000 ден и на секретарот од 10.000 на 12.000 денари. Дополнително им се исплаќани и надоместоци за присуство на седниците, по 1000 ден за секоја седница, што исто така е незаконски“, тврди Назим Емини, претседател на Собранието и делегат од огранокот Липково, кој додава дека ова го утврдила вонредната контрола на Надзорниот одбор.
Тие злоупотребите на своите колеги ги пријавиле во МВР, УЈП и Јавното обвинителство во Куманово. Тројцата функционери вратиле 60.000 денари од средствата на сметката на здружението.
Според Емини, првите луѓе на здружението ја признале грешката, но тврделе дека не знаела дека одлуката по која постапиле од 2012 година е укината во 2016 година. На седницата било побарано тие да не бидат разрешени, но сепак останале бидејќи изборот за ново раковоство на пензионерите ќе се одржи во март.
„Ние случајно дознавме немаме увид, треба се да се открие. Срамота е наместо пензионерискиот денар да оди кај пензионерите оди кај оние со висока пензија. Никој не спори дека треба да се покачи надоместокот, но треба да се запази законската регулатива“, додава Јасмина Тодоровска, делегат.
Членовите обвинуваат и дека во изборната кампања које е во тек се трошат средства на здружението без одобрение на Извршниот одбор и Собранието.
Претседателот Благе Јакимовски, пак, отфрла злоупотреба со донесување на одлуката за зголемување на нивните хонорари, и тврди дека се работи за пропуст, бидејќи не знале дека одлуката е укината.
„Постојат институции и доколку постои вина нека ја утврдат. Јас повторувам и одговорно тврдам дека кај нас не постои злоупотреба, работиме по закон“, изјави Јакимовски.
Тој вели дека една група на луѓе, членови на Собранието вршат притисок врз пензионерите, потпомогнати и од одредени партиски структури за да се смени актуелното раководство.
Во Куманово во моментов има околу 15.600 пензионри кои секој месец од својата пензија одвојуваат по 27 денари за локалните претставници. Тоа значи дека во касата на здружението само по тој основ се слеваат над 400 илјади денари месечно.