Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово освоија прво и третто место на Државниот натпревар на 44. Школа на млади физичари, кој се одржала на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Андреј Стојановски и Леон Марковски, ученици во втора година освоија прво место за експериментот „Ултразвучна левитација“, додека Нела Ивановиќ, втора година и Ева Димитриевска, трета година се трето пласирани со експериментот „Архимедов термометар“. Натпреварот се состоел од демонстрации, експерименти, модели и симулации.
На натпреварот за млади физичари тие добиле две награда од трите проекти со кои се претставиле. Ментор за натпреварот е професорот по физика Костадин Димитриевски, но имале поддршка и помош и од останатите професори на Клубот на физичари од училиштето.
Експериментите биле претставени на хамери на кои биле нацртани и напишани пресметките и формулите со кои детално бил објаснета постапката и целиот експеримент до крајната презентација. Привлекле многу набљудувачи токму поради тој пристап, затоа што сите други презентациите ги правеле на лап топ.
„Најчесто децата кога ќе видат нешто на интернет успешно ќе го изведат, но не знаат да го објаснат теоретски. Нашите презентации предизвикаа одушевување и привлекоа внимание не само на стручните лица, професорите и другите учесници туку и на граѓаните кои ја посетија 44. Школа на млади физичари. Објаснувањето за „Ултразвучна левитација“ одзеде 15-20 минути, детално беше објаснето и како се формира стоен бран, каде се јазлите, со милиметарски пресметки е добиено растојанието од 4,25мм а се заедно се формираше како крајна презентација со заеднички сили на учениците и професорите“, истакнува Димитриевски, инаку електроинжинер по професија.
Иако на часовите не спроведуваат експерименти учениците истражуваат на интернет, гледаат видеа, учествуваат во работилници, секции и активности на Народна Техника и црпат идеи за натпреварите и саемите по природни науки кои се одржуваат во државата и во поширокиот регион.
Покрај натпреварите имало и интересни предавања од асистентите на Институот за физика, и гост-предавач од Институтот по хемија. Напреварите за млади физичари не се одржале во последните две година поради ковид кризата. Затоа сега предизвикал внимание и нетрпение кај вљубениците во физиката да се проследат предавањата, натпреварите, меѓусебното дружење и забавата.
Професорот Димитриевски вели дека и во наредниот период имаат предвидено уште многу активности, настапи на саеми во соседна Србија, а при крај на училишната година сакаат да организираат Саем по физика во гимназијата од ученици од сите години, за да покажат што учеле и што научиле во текот на годината.
Тој додава дека расте интересот кај младите за природните науки, но во понатомошното школување главно се определуваат за попрактични и подоходовни професии, и поатрактивни истражувачки дејности, па денеска на Институтот по физика се запишуваат се помал број на студенти.