Пусти желби
Еден 3-годишен Марко во телевизиска емисија на прашањето што би сакал да му донесе Дедо мраз, без да трепне одговори: Да ми купи кола!
Неговата врсничка во градинката посака компјутер и мобилен телефон. Ете му па нека му ја мисли стариот белобрад исполнувач на желбите на децата во пресрет на Новата година. Та нели ги учиме децата да бидат послушни и мирни ако сакаат Дедо мраз да им донесе подарок? Нели волшебниот старец, облечен во црвено, со смешна палјачо капа и со долга брада, ката година ова време тргнува од далечната Лапонија со впрегнат елен во санката искитена со триста сребрени ѕвончиња и со вреќата без дно во која има подароци од сништата на сите деца во светот? Има белким во таа волшебна вреќа и автомобил за тригодишниот палавко Марко и компјутер за малечката срамежливка Марија? Ех, среќни ли дечиња кои растат со ваквите желби!
За голема жал, и желбите на децата кога се во прашање, овој шарен свет е преполн и со многу неправедни, спротивставени контрасти. Има многу делови на земјината топка со деца сити од чоколадо и бонбони и преокупирани со сништа за автомобили и компјутери, но и земји како бијафри, намибии, нигерии и други пеколи, во кои децата сонуваат за корка леб и капка бистра вода. Таму Дедо мраз никогаш не навраќа. Небаре излапел па заборава дека и таму има деца со молезливи очи и тажни срца.
Некогаш оддамна и јас бев дете. Првпат за Дедо мраз и за Нова година слушнав од мојата учителка во прво одделение во старото селско училиште. Не‘ собра учителката малечките парталковци од сите четири одделенија во една училница и со свечен глас ни‘ соопшти дека вечер е Нова година и дека во училницата само што не влегол некој Дедо мраз кој ќе ни даде подароци. Бргу потоа на вратата навистина се појави некаков бел дедо со бела кадела висната од носот до појасот, со голема капа цуцулка и со плетена кошница прекриена со шарена риза во рацете. Ние, првачињата бевме стаписани од појавата на старецот, подзинати, со оџагорени очи, во немо исчекување се‘ до моментот кога некој, од постарите деца, не се извикна: Еј, деца, па тоа е дедо Наун! Го познавам по капата. Тогаш селскиот Дедо мраз широко се насмеа, ја фрли капата од глава, го искара добродушно малечкиот зашто ја расипува забавата и почна да ни ги дели подароците: секому по мал грст чудесно шарени бонбони завиткани во провидни хартиичиња! Уште патем кон дома изгрицкав две или три од бонбоните и уште неколку стиснав во џебот за мојата помала братучетка (С.)
Камо некое чудо да можам сега да ја насликам радоста од лицата на моите врсници од селото кои таа дамнешна, снежна и тивка зима ја доживеаја својата прва Нова година и првиот Дедо мраз. Следуваа уште неколку тогаш гладни години во кои буквално се гладуваше. Се трупаа и се топеа големи снегови, ние растевме, се најадовме леб и со леб, не‘ посетуваа старите добри дедомразовци, ни‘ се исполнуваа (кому како и колку) новогодишните желби. Најчесто - нереални, каква што е оваа моја: со некое чудо да се повтори оној новогодишен ден во старото селско училиште во почетокот на далечните педесетти години.
Столе Божиновски