Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Иницијативниот одбор на пензионерите кои протестираат во Куманово, што беше формиран пред неполни четири недели, остануваат само 3 члена од првичните осум.
Присутните на денешниот собир тврдат дека членовите на Здружението на пензионери се инструирани од двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што доведува до раздор и разединување кои лица треба да бидат претставници на револтираните пензионери.
„Сакам да ја известам пошироката јавност дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ успеаја да го разединат народот, цели 30 години работат по системот „раздели-па владај“.Сега им успеа да ги разединат пензионерите и еве немаме координативно тело, оставени сме сами на себе. Оние што имаат најголеми пензии направија најмногу галама и правеа раздор меѓу пензионерите“, истакна Мирјана Антевска, пензионерка присутна на протестот.
Присутните во здружението во Куманово оценија дека ситуацијата со пензионерите е критична и најитно се бара решавање на нивните проблеми. Но,дел од нив сметаат дека не е преземено се што треба за кумановските пензионери да станат повидливи.
„Четири лица што беа во Иницијативниот одбор задоцнија со организацијата за протест во Скопје, па подоцна топката се префрли на претседателот на здружението. Барањата се знаат, линерано покачување по 3500 денари, кои ни ги поништија и сега се 1500 денари, и тоа со покачување на нафтата и бензините и ред други работи. Дали сте согласни утре да излеземе на протест на Градскиот плоштад?“, ги праша своите колеги Мирослав Цветковски.
Прозваните членови на Иницијативниот одбор тврдат дека раководството на Здружението на пензионери Куманово (ЗПК) и Сојузот на здруженија на Македонија не се залагаат и не ги поддржуваат нивните барања. Пред насобраните пензионери тие побараа поддршка за нивните барања: донесување на став или одлука дали актуелното раководство ги подржува и се приклучува кон започнатите активности за заеднички настап пред државните органи, донесување на одлука од средствата на сметка на ЗПК да се издвојат и поделат линеарно по 1000 денари како еднократна помош на пензионери со ниски примања, односно на вкупно 5 илјади од нив најдоцна до 15 септември, да се отпочне процедура за промена на Статутот на локалното здружение, да се донесе одлука за ревизија на финансиското работење на ЗПК во последните 5 години, вклучувајќи ја и тековната, а истата да се направи од независна ревизорска компанија.Сите овие одлуки да одат на вонредно Собрание на ЗПК, а целокупната активност да се спроведе во рок од 15 дена или до 4 септември.
За да ги поддржат изнесените барања пензионерите се повикуваат на предупредувачки протест на Градскиот плоштад во Куманово.
„Генерално се согласуваме со сите барања, единствено не можеме да се согласиме со линеарно покачување на пензиите. Ние тврдиме и дека таквото барање е неуставно, за што не сме сосема сигурни. Пресметките покажуваат дека ваквиот начин на покачување побарува 275 милиони евра од Фондот за ПИОМ што ќе направи таква финсиска дупка заради која наредниот 1-ви во месецот нема да може да земе пензија никој.Но, сметам дека луѓето се огорчени со право“, се обрати до јавноста и Ристо Бошков,претседател на ЗПК.