Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Oткако независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски доби јавна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за вториот изборен круг, од СДСМ Куманово го обвинија дека склучил пакт со ѓаволот за одбрана на личните интереси и сака да го врати режимот во Куманово.
Тие велат дека ВМРО-ДПМНЕ во Куманово имале таен договор со Димитриевски, за да добијат неколку директорски места по јавните претпријатија, „Водовод“, „Чистота и зеленило“ и „Пазаришта“, а за возврат да ги добијат гласовите на членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата меѓу другото го прашуваат Димитриевски дали го заборавил 27 април и дали ќе бара амнестија за осудените на 27 април, и дали Будимпешта му ја спонзорирала најскапата кампања во изборната историја на државата?
„Господине Димитриевски, тоа што ве одби СДСМ да бидете министер за одбрана, тогаш по нечии инструкции почнавте да си ги премачкувате партиските бои. Тоа го знаат сите чесни социјалдемократи, вашата жед за моќ, за статус, за привилегии. Дури сега на изборите ја облековте униформата на ВМРО-ДПМНЕ црвено-црна, конечно ја покажувате вашата униформирана лојалност кон каузата на луѓето кои се болни за власт. Од позиција на градоначалник кој треба да ги подобрува условите на граѓаните, да оддржува улици, канализација итн, вие станавте наеднаш експерт по историја и надворешна политика, професор доктор епидемиолог, калиф наместо калифа, се со цел да кулминира вашето 007 работење во редовите на СДСМ за локалните избори. На 31-ви ве чека казната од народот! Кумановци секогаш знаеле да ги казнат предавниците! Како што ги казнивме во 2013 така и вие Димитриевски ќе бидете казнети, Куманово ќе продолжи да се развива, а вие ќе одговарате за секој криминал“, стои во соопштението од СДСМ.