Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На градскиот плоштад во Куманово денеска се одржа Регионален саем на социјални претпријатија од Североисточниот плански регион, на кој учествуваа здруженија, занаетчии, организации и претпријатија. Кумановци имаа можност да купат уникатни и рачно изработени производи од кожа, глина, сувенири и везени предмети со етнолошки мотиви, но и еколошки сокови и ракија од домашни работилници.
„Се уште нема многу социјално ангажирани претпријатија, најголема е бројката во Скопје. Во Североисточниот регион има околу дваесетина. На ниво на државата има околу 200 вакви иницијативи. Важно е да има и законска регулатива и рамка за згрижување на луѓето со социјално загрозен статус-физички предизвикани луѓе, поранешни зависници, луѓе кои долго време се без работа, самохрани мајки, маргинализирани групи, сите кои тешко наоѓаат работен ангажман“, изјави Барбара Садовска, тим лидер на проектот „Подршка на социјални претпријатија“.
Во моментов во тек е подготовка на Законот за социјални претпријатија, кој ќе ги дефинира потребните критериуми за регистрација. На сила е и усвоената „Национална стратегија за развој на социјални претпријатија“ со важност до 2024 година. Нивна цел е создавање правна, финансиска и институционална рамка за развој на социјалните претпријатија во државата, а преку јасно дефинирани цели се обидуваат ваквите претприемачи непречено да фунционираат, да ги пласираат и промовираат своите производи и услуги, да се стекнат со финансиски придобивки, со што ќе станат попривлечни за инвеститорите.
За опстојување на овие претпријатија неопходна е помош од Владата и локалната власт.
„Ваквите солидарни фирми имаат голем потенцијал. Тука луѓето се емпатични, сакаат да служат на општеството и сакаат да учествуваат во решавање на проблемите. Работа на достоинство е да не се чека само на помош од социјалните програми на министерствата,туку да се биде корисен, да се допринесе и локалните партнери би требало да ги ценат ваквите можности. Има многу начин за целосна соработка и помош меѓу носителите на власт и оние кои би креирале работни места за послабите. Социјалните претпријатија имаат силна мисија да учествуваат во јавните набавки“, продолжува Садовска.
Учесниците на саемот велат дека ваквите проекти придонесуваат за нивна поголема видливост и презентација на нивните производи пред купувачите.
Саемот е во организација на проектот финансиран од ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика.