Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регионалната занаетчиска комора наскоро ќе започне со работа во нови простории во Занаетчискиот дом во Куманово.
Во тек е реновирање на просториите, во кои ќе биде сместена и градската сувенирница, во која ќе се изложат производи на локални занаетчии, кои го зачувале духот на минатите времиња и се занимаваат со страите занаети.
„Намерата е да бидат изложени производи со т.н. кумановски нишан, кои се карактеристични за градот и поднебјето. Веќе се таргетирани занаетчиите кои ќе добијат свој простор во сувенирницата и тие се во подготовка на експонатите кои ќе бидат изложени. За националниот празник 11 Октомври планираме да одржиме занаетчиски саем кога и официјално ќе биде отворена продавницата, а тогаш и ќе ги доделиме субвенциите на занаетчиите“, објасни Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
Деловниот простор во рамките на Занаетчискиот дом е издаден на Регионалната комора на занаетчии, а општината за тој простор нема да наплаќа закуп. На товар на занаетчиското здружение ќе се само режиските трошоци за електрична енергија, потрошена вода и ѓубрарина.
По примерот на Куманово започната е иницијатива за отворање на сувенирници и во другите градови на државата.
„Целта ни е да ги поттикнеме младите да видат производи од стари занаети, но и да ги заинтересираме, да создадеме квалитетна работна сила. Занаетот е рамноправна професија која придонесува за развој на економијата“, истакна Фазлији.
Занаетчиите во Куманово неколку години бараат деловен простор во кој би биле изложени ракотворби, автентични за поднебјето. Во градот се регистрирани повеќе од 30 стари занаети, а една ваква специјализирана продавница може да придонесе за туристичкиот потенцијал за градот.
Речиси пет години Куманово водеше судска постапка за враќање во владеење на дуќаните во состав на Занаетчискиот дом. Најавите на надлежните беа дека откако ќе се ослободат простории, ќе се додели еден простор на Занаетчиската комора, финансирана од Општина Куманово.