×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Реконструкцијата на Градскиот парк во Куманово трае 20 месеци, потрошени се 220.000 евра и уште фалат пари за да се доврши

    03.11.2023 09:42 | Сузана Николиќ

    Никако да заврши реконструкцијата на најстариот парк во Куманово, кој требаше да биде модерен простор за рекреација и прошетки на граѓаните.  Наместо за 6 месеци како што првично беше најавено, реконструкцијата  се влече веќе 20 месеци и нема изгледи дека наскоро ќе заврши. 

    Реконструкцијата на Градскиот парк во Куманово трае 20 месеци, потрошени се 220.000 евра и уште фалат пари за да се доврши

    Граѓаните и советниците реагираат, бидејќи две лета ги нема потребните содржини, а се потрошија големи пари. Урбаната опремата која беше наместена пред една година веќе е уништена, а другата воопшто ја нема или не се одржува.

    „Граѓаните се жалат затоа што моментално состојбата е полоша отколку пред започнување на работите. Таму кога ќе излезат луѓето немаат клупи каде да седнат, да одмораат - тие што беа се уништени, во делот на катчето за играње. Веќе заборавивме кога се почнати работите во Градскиот парк, кога ќе завршат, кој е последниот рок - зошто толку се одолговлекува работата и постапката. Каде е проблемот?“, праша советничката Арта Мемеди Адеми од ДУИ.

    Проектот „Изградба на смарт парк – Градски парк Куманово“ започна на 23 март 2022 година и требаше да заврши за 6 месеци. Го имплементира Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион, а предвидува реконструкција на постоечките и изградба на нови рекреативни содржини, како и инсталирање на нова модерна урбана опрема, единствена во градот.  Краен корисник на смарт-паркот е Општина Куманово.

    „Проектот предвидува изградба на ново кошаркарско игралиште, парк за миленици, изградба на нови пешачки патеки, како и изградба на паркинг простор. Во рамки на проектот кој е смарт, предвидено е поставување соларни канделабри, паметни кантички коишто ќе имаат сензори што ќе јавуваат кога се преполни за да може ЈП „Чистота и зеленило“ навреме да ги исчисти, а предвидено е и поставување смарт клупи, преку коишто посетителите ќе можат да користат интернет конекција. Предвидено е градежните работи да завршат до крајот на септември, но се очекува дека тоа ќе се случи многу порано“, кажаа надлежните од Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион, кога започна проектот.

    Според првичниот проект вредноста на целата инвестиција изнесуваше 11,22 милиони денари (околу 180 илјади евра), а парите ги обезбеди Биротот за регионален развој и Министерството за локална самоуправа од програмата за рамномерен регионален развој за 2021/2022 година. Подоцна беше направена измена во проектот поради пропусти во однос на поставеноста на гасоводната мрежа, па Општина Куманово обезбеди уште 2,3 милиони денари (околу 38 илјади евра) заради изградба на ивичници, бекатон, шахти, кои не биле предходно предвидени.

    Градоначалникот Максим Димитриевски вели дека поголем дел од паркот е завршен, со асфалтирање на пешачките патеки, поставување на рабници, кастрење и сечење на склонопадните дрвја, изградба на паркинг и пешачка патека на кејот на реката Липковка. Според него, општината треба да ги добие средства од Бирото за регионален развој, кои ќе ги употреби за довршување на паркот.

    „Оваа година на Општина Куманово и следуваа 36 милиони денари по основ на рамномерен регионален развој,  но за жал добив известување дека ќе добиеме само 16 милиони денари. Тие средства веќе требаше до крајот на мај да бидат распоредени и ставени на располагање на општината, за да можеме да го завршиме овој проект. Доколку не ни ги дадат парите од државата кои ни следуваат по закон имаме буџет и во следната година ќе ги предвидиме тие средства и ќе го изградиме паркот како што е предвиден со проектот“, истакна Димитриевски.

     Тој потврди дека старите клупи се извадени, а новите смарт клупи не се монтирани, бидејќи треба да се обнови електричната инсталација за поставување на ново осветлување на паркот.  Од работите кои се во функција е паркингот кој беше изграден на дел од зеленилото, кој патем не се наплаќа, а според градоначалникот служи за оние кои работат во Скопје.