Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово реновирани се училниците и инсталиран е лифт за потребите на учениците и вработените.
Со оваа интервенција се заокружува процесот на реконструкција, реновирање и осовременување на училишниот простор во најстарото училиште во градот.
„Се чекаат потребните дозволи за да започенеме со користење на лифтот, кој е монтиран и спремен од октомври. Наменет е за сите ученици, наставниот кадар и вработените, секако со приоритет на оние со потешкотии при движењето. Ги имаме услови на современ училишен центар, иако имаме долга традиција и реноме во градот“, изјави директорката, Марија Тодоровска.
За набавка и монтажа на лифтот и изработка на проект ангажирана е фирмата „Термалифт“ од Куманово, вредноста на договорот е нешто повеќе од 2,7 милони денари.
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ во изминатиот период беа преземени повеќе градежни активности, како што е нова енергетски ефикасна фасада, сменети се подовите на сите 30 училници, десет училници се потполно реновирани, набавени се нови клупи и столчиња за учениците. Реновирана е и спортската сала на училиштето,поставени се фотоволтаични централи за самостојно произведување на струја. Во подрумскиот дел на училиштето се поставени фитнес центар и теретана. Канцеларијата на наставниот кадар е исто така реновирана, како и галеријата пред неа.
За една година вложени се повеќе од 30 милиони денари или близу 500 илјади евра во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово.