„Рома труба фест“ по 22. пат во Куманово
На 21 и 22 август на Градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи традиционалниот фестивал на дувачки оркестри „Рома труба фест“.
Фестивалот оваа година ќе биде поделен во две вечери, а ќе учествуваат 12 оркестри од четири земји.
„Ќе имаме гости од Франција, Бугарија и Србија, како и домаќини од Македонија. Секоја вечер ќе настапат по шест оркестри, со 30-минутна програма по сопствен избор. Гостин на манифестацијата ќе биде нашиот кумановец Виктор Димитриевски, кој победи на натпреварот „Никад није касно“. Ги повикуваме граѓаните да дојдат и да уживаат во богатата програма и звуците на трубата“, вели Самет Салиевски, уметнички директор на фестивалот.
Фестивалот по 22. пат го организира Ансамблот за народни ромски игри и песни „Рушит Шакир“ од Куманово.
„Рома труба фест“, познат и како „Македонска Гуча“, секоја година привлекува бројна публика од Куманово и регионот, потврдувајќи се како еден од најпрепознатливите фестивали, кој преку музиката и традицијата ги обединува луѓето.
Фестивалот се одржува со поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура.