Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците денеска садеа рози во училишните дворови, и со тоа се вклучија во акцијата на Министерството за животна средина “Македонија земја на цвеќето - земја на розите“.
Во училиштето „11 Октомври“ учениците направија истражување за розите, поставија паноа и засадија 34 рози колку што има и паралелки.
Розата е многу благородно цвеќе кое цвета 200 дена во текот на годината. Розата се вика “кралица“ на цвеќињата. Освен што се убави, имаат и еколошко значење. Ги апсорбираат тешките метали. Старите Римјани го знаеле стопанското значење на розите. Розата се користи во козметика и фармација и е многу значајна - вели Јелена Павловска, професор по биологија во “11 Октомври“.
Во знак на 65 години постоење на основното училиште “Крсте Мисирков“ денеска во нивниот двор беа засадени 65 рози. Учениците поставија штандови пред училиштето на кои продаваа изработки од рециклиран материјал, а дел од средствата ќе одат во хуманитарни цели.
Половина од собраните пари ќе бидат за нови рози за засадување во дворот, а половина ќе бидат за децата со посебни потреби. Средствата ќе бидат донирани во “Порака наша“ бидејќи со нив имаме поинтензивна соработка. Собираме стара харија и картон, тоа трае две недели и ќе биде и следната недела. Собраниот материјал ќе биде откупен од фирма за стара хартија, а парите ќе бидат за следните акции во училиштето - изјави Југослав Спасиќ, одговорен за еко проект во “Крсте Мисирков“.
Како што беше најавено од Министерството за животна средина денеска во Македонија се очекува да бидат засадени 100.000 рози. Тие ги повикаа приватните фирми, невладини организации, општини, граѓани да се вклучат во акцијата и да придонесат за почиста животна средина.