Самостојна изложба „Графички приказни“ на Стефан Јакимовски
Во изложбениот салон на Национална установа Центар за култура “Трајко Прокопиев” Куманово, утре во 19.30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на проф. м-р Стефан Јакимовски со наслов „Графички приказни – Визуелни приказни раскажани преку ликовната и применета уметност”.

Стефан Јакимовски има завршено средно училиште за применета уметност на УПУ “Лазар Личеновски”-Скопје оддел применета графика. По завршување на средното образование се запишува на Факултетот за ликовни уметности на оддел графика (насока графички дизајн) во класата на проф. м-р Димитар Малиданов. Кај истиот професор завршува и постдипломски студии во 2008 година на тема Мултимедијален пристап во графиката.
Активен член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, Друштвото на ликовни уметници на Куманово,Фото кино клуб “Козјак” и Интернационалната дизајнерска асоцијација(ЦЕИДА).
Стефан Јакимовски е редовен професор на Факултетот за дизајн и мултимедија на ФОН.
Автор е на многу графички решенија и учесник на меѓународни конкурси, симпозиуми и изложби.
Јакимовски е член на повеќе стручни жири комисии,рецезент на книги за средно стручно образование и ментор на наставни и вон наставни проекти. Јакимовски за својата досегашна работа има добиено многу награди и признанија.