Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура во Куманово утре /четврток/ со почеток во 19.30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска со наслов “Парадоксот на автентичноста”.
Арсовска изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фреско живопис и графички дизајн.
„Како и секој млад автор и Милена Арсовска покажува грижа за автентичноста, оригиналноста и посебноста на авторскиот израз. Тој воспоставен универзален ликовен вокабулар придонесува комуникацијата на релација дело - консумент да оди лесно, со што делата се читливи и за најшироката публика. Композициската поставеност на елементите во сликите е изведена на професионален начин, со водење сметка за баланс и условна симетрија, согласно академските нормативи, а фокусот е насочен кон центарот на сликата“, стои во рецензијата на изложбата на Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Милена Арсовска е родена 1985 година во Куманово. Работи како професор по графички дизајн и графички предмети во СОУ “Перо Наков” – Куманово. Има завршено средно уметничко училиште ДСУПУ “Лазар Личеноски” во Скопје, отсек графика. Дипломирала на Факултетот за Ликовни Уметности при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” -Скопје, педагошки смер,каде што работи две години како демонстратор по графика и графички техники.Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти. За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.
Проектот е подржан од Министерство за култура и е во годишната програма на Центарот за култура “Трајко Прокопиев” - Куманово за 2023 година.
Изложбата ќе биде поставена до 23 ноември.