Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Академскиот сликар Зоран Арсовски – Бабата од Куманово на 23 и 24 јуни ќе одржи самостојна изложба на Меѓународен уметнички фестивал на светлината во Котор, Црна Гора.
Фестивалот се одржува по шести пат, а се одржува на повеќе локаци во стариот дел на градот Котор.
„Арсовски на публиката ќе се претстави со дела од неговиот најнов опус, изработени во комбинирана техника со која е препознатлив на пошироката јавност. За оригиналниот стил на Арсовски веќе години наназад пишува и стручната уметничка фела на историчари и критичари на уметноста, за кое сведочат бројни рецензии за творештвото на Арсовски“, стои во најавата за изложбата.
Фестивалот е предвидено да трае два дена, а секоја вечер преку видео проекции ќе ги презентираат уметничките дела на секој уметник посебно во вид на самостојна изложба и обраќање на уметниците проследено со добра музика и пријатен амбиент, кадешто посетителите во една поинаква атмосфера ќе уживаат во уметничките дела.
Организатори се Градската галерија Котор и Центар за култура “Никола Ѓурковиќ” Котор.
Арсовски на јавноста е познат по бројни концептуални самостојни изложби, а оваа ќе биде негова 15-та самостојна изложба. Исто така има учествувано на повеќе од 60-тина групни изложби, проекти и фестивали, со кои има настапувано на национално и многу повеќе на меѓународно ниво во повеќе држави низ светот. За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.
Зоран Арсовски – Бабата роден е 1980 година во Куманово, дипломирал во 2005 година и магистрирал 2007 година на Националната ликовна акдемија во Софија,насока - Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).