×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сцената е најдобар учител на актерот, вели Никица Јанковски, актер во Кумановскиот театар

    09.12.2024 11:05 | Оливера Пешевска

    Никица Јанковски е млад и талентиран актер, редовен член на Кумановскиот театар и препознатливо име на домашната сцена. 

    Сцената е најдобар учител на актерот, вели Никица Јанковски, актер во Кумановскиот театар

    Досега играл во дваесетина премиери, а уште толку улоги имал во разни проекти надвор од театарот. Во последните три години бил дел од претставите „Како што сакате (Ноќ спроти Водици)“, „Секс и лаги“ и „Љубовна терапија“, но вели дека особено драги му се улогите во претставите за деца: „Црвенкапа“ и „Малата сирена“. Со нетрпение ја очекува премиерата на новогодишната претстава која ја подготвуваат „Дедо Мраз во веселата шума“.

    „Во новогодишната претстава го играм ликот на зајачето, очекувам дека ќе имаме полна сала, неколку изведби и топол одѕив, секогаш е така на детските претстави. И задоволство е да се игра за нив, кога ќе видиш со какво внимание те следат, не трепкаат, како реагираат на сцените, чукаат раце на музика, со нив интеракцијата е најлесна и го затоплува срцето“, истакнува Никица.

    Тој дипломирал во 2018 година на Универзитет за аудиовизуелни уметност ЕСРА во Скопје, во класата на професорот Дејан Пројковски, а завршил и специјализација со дополнителна студиска година. Од малечок го привлекувала сцената, а веќе на 6-7 годишна возраст почнал да учествува на маскенбали, и со месеци однапред да ги подготвува костимите и да го смислува настапот. Кога тргнал на училиште, од училишната клупа гледал во дворот на театарот и постојано копнеел да биде таму. Имал можност да ги гледа пробите и бил фасциниран од целиот процес на создавањето на една театарска претства. Кога наполнил 10- тина години го повикале да игра во претставата „Ансвер“ (Одговор) во режија на Ненад Витанов. Тоа е негова прва улога, која ја смета како многу интересно искуство кое ќе го памети цел живот.

    На почетокот, актерството му изгледало како детска игра, но како посериозно навлегувал во професиналните води ја сфатил неговата сериозност, од владеењето на сцената до одговорноста пред публиката.

    „Секоја изведба е напорна, понекогаш и исцрпувачка. Во деновите кога треба да играме претстава, денот ми е многу поразличен од сите други денови. Се трудам да се поштедам во физичка смисла, не смејам ни да се прејадам. Секогаш се загревам пред настап со физички вежби, затоа што сцената и изведбата се живот во мало, може да дојде и до физички повреди“, објаснува Никица.

    Младиот и талетиран актер вели дека најмногу учи преку сценска игра, бидејќи смета дека сцената е најголем учител на секој актер, и затоа е бесценето секое ново искуство.

    „Секогаш во главата ми е она што ни го кажуваа професорите, да не ги поминуваме работите само формално, бидејќи ниту еден лик во тетарот не е формален. Сакам да експериментирам, да пробувам во текот на процесот, да барам решенија и врз основа на тоа го градам ликот. Убавината на театарот е во тоа што е колективна игра и секоја креација зависи од екипата со која подготвува одредено дело, мора да се надополнуваме, да импровизираме кога треба“, објаснува Јанковски.

    Со најновата улога на војводата Орсино, во претставата „Како што сакате“, има впечатлив настап, кој наиде на одлучен прием кај публиката.

    „Преставата е Шекспир на кумановски начин, малку постоеше скепса на почетокот, но тоа не е нешто што го нема во делото. Напишана е многу умесно, многу добро. Ја играм со големо задоволство, добро беше прифатена и од фестивалската публика на Денови на комедија, одлично поминавме и на првото изведување во Гевгелија и се надевам дека каде и да отидеме ќе има позитивен прием“, вели младиот актер.

    Никица досега немал можност да игра на филм или во тв серија, но се надева, дека тоа ќе биде неговиот следен предизвик, бидејќи како млад актер уште ја гази патеката која ќе му отвори нови можности и докажувања пред публиката. Смета дека и нашата земја има капацитет за поголема филмска продукција, како што е во соседните земји и во регионот, бидејќи има голем број на млади и квалитетни актери и режисери кои ја чекаат својата шанса.

    „Сигурно има доволно креативност, само требаат финасиски вложувања. И не се работи за баснословни суми, кои се недофатливи, можеби само малку ни недостасува храброст и поддршка од државата, и секако од бизнис секторот. Имаме примери од минатото, во секој момент можеме да наброиме 30 наслови кои се извонредни, но за жал сега немаме со што да се пофалиме“, вели Никица.

    Јанковски годинава е особено фокусиран на проектот во кој го позајмува гласот за едно мече, играчка - Господин Медо, кое рецитира и раскажува приказни за деца, а притоа ги поместува рацете и ги движи усните. Тоа е прв таков проект на македонски јазик, по кој подоцна е направен таблет со македонската азбука, букви, бројки, бои... на нашиот јазик. Многу е горд на овој проект, затоа што смета дека децата ќе имаат можност да учат на мајчин, македонски јазик.

    Никица е исклучително позитивно младо момче, секогаш срдечно, со широка насмевка која плени и ги освојува луѓето околу него. Покрај тоа што сака да се дружи, ја сака и природатата, а батериите ги полни во природа, некаде каде има мир, тишина, и бескрајна убавина. Кога се осамува, вели дека за своја душа чита духовна литература, но секогаш и по некој драмски текст.

    Зборувајќи со нескриена љубов и ентузијазам за актерството само докажува дека е подготвен да расне и да освојува, чекајќи ја неговата шанса која ќе го вивне во облаците и ќе му ги исполни професионалните соништа.

    Приватно за себе вели дека настојува да биде добар човек како секој христијанин, и да се сочува себеси од сите предизвици кои ги носи животот. Секој ден станува со мислата дека може со нешто да го смени светот на подобро и да направи некое добро дело, а тоа секогаш го прави искрено и од срце.