Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски не сакаше да ја потпише одлуката за избор на директор на ООУ „11 Октомври“ која ја донесе училишниот одбор, додека истовремо наметнува свое решение и назначува в.д. директор во ООУ „Крсте Мисирков“, бидејќи училишниот одбор не го прифаќа единствениот кандидат за директор кој ги исполнува условите од конкурсот, обвини на денешната прес- конференција Александар Митрички, портпарол на СДСМ.
Митрички објасни дека одлуката на училишниот одбор за избор на директор во „11 Октомври“ во законски рок била доставена до градоначалникот, кој тенденциозно не ја потпишал и не ја назначил избраната директорка. Првото образложение било дека е на одмор, а подоцна дека има петиција во училиштето.
„Поради тоа што одлуката на училишниот одбор не беше потпишана од градоначалникот, согласно законот, истата беше доставена до министерот за образование и наука, кој почитувајќи ги сите законски прописи го назначи избраниот директор на училиштето“, кажа Митрички.
Наспроти ова, Митрички тврди дека во ООУ „Крсте Мисирков“ е назначен в.д. директор од градоначалникот, кој не ги исполнува условите. Тој вели дека за само 3 години во училиштето се сменети дури 7 в.д. директори, кои немаат положено директорски испит, додека единствениот кој ги исполнува условите не бил прифатен од училишниот одбор.
„Во август, по истото сценарио управниот одбор повторно распиша оглас за избор на директор, каде се јави само еден кандидат, кој ги исполнува условите и кој повторно, без никакво образложение не е избран. УО на „Крсте Мисирков“ очигледно е на ставот дека поставувањето на в.д. директори и нивното постојано менување е подобрата опција, иако во самото училиште постојат наставници кои имаат положено испит за директор“, вели Митрички.
Тој прашува дали тоа значи дека некој сака директорите постојано да работат под притисок и под нечија директива, бидејќи тоа директно ги засега и учениците. Затоа побара наставниците и децата да бидат ослободени од стегите на политичките препукувања, како и од политикантскиот и тенденциозен однос на општинските власти.