Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Се асфалтира крак од булеварот “Трета МУБ“. Ќе биде поставен асфалт на 2400 квадрати површина и плус околу 1000 квадрати на улица “Егејска Македонија“.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски објасни дека кракот ќе биде завршен во најкраток временски рок, како дел од проект за реконструкција на патната мрежа во должина од 6 километри, со што состојбата на сообраќајниците ќе бидат видно подобрени.
“Се наоѓаме во една населба каде што има над 400, 500 станбени единици, огромен број на жители, граѓани на Куманово и мислам дека ова е едно од постарите градски јадра и има потреба од темелна реконструкција. Денеска или утре најдоцна ќе биде завршен овој дел. Имаме два-три проблеми со одводнување на атмосферска вода, која направи големи штети на граѓаните. Се надевам дека ќе отвориме проток на вода, а до крај на година ќе направиме и одводнување“-изјави Дамјановски.
Граѓаните го поздравуваат асфалтирањето на улицата и бараат барем уште стотина метри асфалт и бекатон меѓу зградите на “Егејска Македонија“, на што надлежните од општината позитивно одговорија.
“Ова е за поздрав, се ќе се обнови. Многу сме задоволни, меѓутоа позадоволни би биле кога ќе се продолжи подолу. Натаму има 4 влеза, околу 30 станови и сметајте колку луѓе има. Кога ќе врне се слева вода од “Трета МУБ“, и се пред неа носи. Асфалт овдека немало и ова е многу добро“- вели Перо Додевски, граѓанин.
Градоначалникот кажа дека во наредниот период ќе бидат реконструирани уште 24.000 квадрати патишта во Куманово.